Вкусна и здрава храна која може да се направи како прилог со ручекот или да биде главно јадење. Брз рецепт за подготовка на зеленчук кој е повкусен и од месо. Одличен рецепт е и за вечера доколку сакате да јадете лесна и здрава храна.

Многу заситува, а се прави едноставно. Нема потреба да правите дополнително јадење бидејќи овој ручек изобилува со потребни нутриенти кои ќе ве заситат и до неколку часа. Домашните го обожаваат, па речиси секој втор ден го имаме на трпезата.

Потребни состојки: половина брокула, 1 карфиол, 2 кафени лажички сол, вода, 2 супени лажици млеко, 1 кромид, 1 пиперка, 1 домат, 3 јајца, 5 супени лажици масло, 130 г бело брашно, 2 чаши млеко, 2 стебленца копар, 1 стебленце млад кромид, 150 – 200 г кашкавал.

Постапка: Овој рецепт нема конкретна количина на состојките во зависност од тоа колку сакате да подготвите. Јас секогаш користам една мала брокула или ако е голема ја сечам само половината.

Поделете ја брокулата на помали цветчиња, претходно измиена. Сечканите брокули ставете ги во тенџере. Повторете ја истата постапка со карфиолот и поделете го на помали делови.

Додајте го карфиолот во тенџерето со брокула и посолете. Потоа прелијте со вода. Во зависност од количината, додајте ја водата нешто помалку пред да се прелие зеленчукот.

Потоа додајте млеко, поклопете го тенџерето со капак и ставете го на рингла. По зовривање на водата, оставете да се вари уште 2 – 3 минути. Ако е потребно малку повеќе време за да омекнат брокулата и карфиолот, оставете ги уште неколку минути. Во меѓувреме исечете го кромидот на ситни коцкички.

Во малку намастено тавче додајте го сечканиот кромид и пржете го на ниска температура додека да застакли и да се карамелизира. Откога брокулата и карфиолот ќе се сварат, процедете ја водата од нив.

Пиперката исечете ја тенко и долгнавесто. Во намастена тава додајте го варениот зеленчук, кромидот и одозгора ставете ја пиперката. Доматот исечете го на покрупни делови за да не се излее сокот од него, а потоа додајте го во тавата со другиот зеленчук.

Во подлабок сад додајте ги јајцата и посолете ги со 1 лажичка сол. Разматете ги јајцата со маталка, додајте го маслото, брашното и повторно измешајте ја смесата додека да се соединат состојките. Потоа додајте уште 2 чаши млеко и повторно разматете.

Мешајте се додека да добиете течна жолта смеса без грутки. Млекото додајте го постепено, прво едната чаша, па промешајте и додајте ја втората чаша. Копарот и младиот кромид исечкајте ги на ситни делови и додајте ги во садот со јајцата.

Повторно промешајте и прелијте ја смесата во тавчето каде претходно го наредивте зеленчукот. Потоа изрендајте го кашкавалот и наросете го врз тавата со зеленчук. Во претходно загреана рерна на 200 степени, печете 30 – 35 минути.

По печењето, почекајте да олади 1 – 2 минути, а потоа пресечете на поголеми парчиња во форма на коцка и послужете. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.

Прочитајте и ова: Неверојатно вкусен и брз рецепт за пилешко филе во рерна

Неверојатно вкусно филе од рерна кое се подготвува за многу кратко време, а толку е сочно и вкусно што нема да ви биде доволно едно парче. Може да се подготви за ручек или вечера.

Потребни состојки: пилешки филети, сол, црн пипер, босилек, рузмарин, мајчина душица, црвен пипер по вкус, 1 домат, 1 кромид, 1 китка магдонос, 1 копар, 2 варени јајца, 150 г кашкавал, 2 чешниња лук, прстофат сол, прстофат црн пипер, 1 лажичка мајонез.

Постапка: Пилешките филети пресечете ги на 3 делови. Јас купувам 2 пилешки филети и ги делам на 3 и ми излегуваат по 6 парчиња што е доволно за домашните. Поклопете ги филетите со проѕирна фолија поставени на даска и исчукајте ги.

Потоа извадете ја фолијата и зачинете ги со сол, црн пипер, сув босилек, сув рузмарин, сува мајчина душица и црвен пипер по вкус од двете страни. Доматот пресечете го на поситни делови, а истото повторете го и со кромидот.

Доматот и кромидот ставете ги во подлабок сад, а потоа исечкајте го магдоносот и копарот и додајте ги во истиот сад. Во меѓувреме сварете 2 јајца, а откога ќе се оладат изрендајте ги и додајте ги во садот.

Истото повторете го и со кашкавалот, ситно изрендајте го. Лукот ситно исечкајте го ставете го во садот, посолете, додајте црн пипер во вкус и 1 лажичка мајонез. Убаво измешајте ја смесата додека да се соединат состојките.

Парчињата пилешко филе наредете ги во тавче во кое претходно сте ставиле хартија и малку сте го намастиле. Врз секое парче додајте од претходно подготвената смеса и распоредете ја низ целата површина на парчињата месо.

Потоа врз секое парче додајте од изренданиот кашкавал. Во претходно загреана рерна на 200 степени, печете го месото 15 – 20 минути. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ. / Текстот за НМД.мк го напиша Мартина Христовска