Вкусни, сочни се топат во уста. Никој не може да им одолее. Ќе ви претставиме два рецепти, а вториот е според охридски рецепти. Во некои краишта овие парени колачи се нарекуваат „урмашици“, а некои други ги нарекуваат едноставно „парени колачи“. Како и да се викаат, многу се вкусни.




I РЕЦЕПТ Потребни состојки: 200 г путер (или маргарин), 1 јајце, 1 жолчка, 100 г шеќер, 2 лажици кисела павлака, 50 г кокосово брашно, 400 г брашно, половина прашок за печиво. За сируп: 600 г шеќер, 600 мл вода и 1 ванилин шеќер




Постапка: изматете ги путерот, јајцето, жолчката и шеќерот, па додајте ги павлаката, кокосовото брашно и обичното брашно измешано со прашокот за печиво. Изедначете сè добро, а потоа оставете го тестото во фрижидер околу половина час.




Варете го сирупот (ставете шеќер, ванилин шеќер и вода да зовријат, а потоа кога ќе зоврие намалете ја температурата, па варете на тивок оган околу 10 минути). Извадете го готовиот сируп од оган и оставете го да се излади.




Од тестото формирајте топчиња со посакувана големина, а од секоја топка формирајте ги колачите (втиснувајте ги на ренде ако сакате), па редете ги во плех. Кога ќе се потрошат состојките, ставете ги колачите во загреана рерна на 200°C и печете ги околу 25 минути.




Готовите колачи, уште додека се топли прелијте ги со ладен сируп. Оставете да се оладат и да го впијат сирупот, па послужете. Прочитајте го и следниот рецепт за Охридски урмашици со кокос, па одберете си кој повеќе ви се допаѓа:




II РЕЦЕПТ Охридски урмашици со кокос

Потребни состојки за шербет:​ 500 г шеќер, 800 мл вода, ½ лимонов сок и 2 пакетчиња ванилин шеќер. За тесто:​ 1 ½ мала шолја (од 70-80 мл) шеќер, 3 мали шолји масло, 2 јајца, 2 лажички кисела павлака, ¼ лажичка сол, 150 г кокос, 1 прашок за печиво. 500-600 г брашно – по потреба




Постапка: Најпрво се приготвува шербетот: во тенџере се ставаат состојките, па се вари на среден оган. Откако ќе зоврие се остава уште 15 минути, па се трга од оган и се остава да излади.




Тесто: во еден сад изматете ги јајцата со шеќерот додека тој се растопи. Додајте ги течните состојки и уште малку матете да се соединиат. Додајте ги сувите сосотојки-брашно по потреба да се замеси меко тесто што не се лепи за рацете.




Од тестото кинете парчиња со величина по ваша желба. Направете ги во форма на топче или долгнавести. Ако сакате може и да ги притискате на ренде за да добијат шара.

Може да одделите малку од тестото и во него да ставите какао и да правите мали топченца, кои ќе ги ставате внатре во тестото. (Го земате белото го развлекувате малку на раката, го ставате кафеавото и го виткате, па го оформувате).




Постапката повторувајте ја додека имате материјал. Урмашиците ставајте ги на намастен голем плех, редете ги на соодветно растојание, бидејќи при печењето нараснуваат малку.

Печете ги во загреана рерна на 200 степени 20-25 минути додека да заруменат повеќе или помалку во зависност какви ги сакате. Уште додека се топли прелијте ги со ладниот шербет. Наместо да ги преливате може да ги потопувате во шербетот.

Можете исто така, да ги валкате во кокос или ореви по желба. Најдобро да ги оставите 1 ден преку ноќ за да може да се впие шербетот. / Сооlinarika.com