Ова се многу вкусни колачи, а од овој рецепт излегуваат 10 мафини. Може да ги приготвувате во специјални калапи за мафини, чашки за мафини или хартиени корпи, по избор. Многу се вкусни, сочни, кремозни и што е најважно, брзо се приготвуваат. Одлични за ненадејни гости.

Потребни состојки: 300 г брашно, 1 прашок за печиво, 75 г шеќер, 250 мл млеко, 2 јајца, 50 мл масло, 1 лажица нутела за тестото, за фил: 10 лажици нутела Постапка:

Во подлабок сад просејте го брашното и прашокот за печиво. Измешајте ги, па додадете шеќер и добро промешајте. Во друг сад изматете ги јајцата со виљушка колку малку да запенат. Со мешање додадете го прво маслото, а потоа и млекото. Изедначете ја смесата.

Течната смеса излејте ја во садот со брашното и додадете една лажица нутела. Полека промешајте со виљушката само додека да не се гледа суво брашно и да нема грутчиња. Смесата мора да изгледа лепливо, но таква треба да биде за да бидат мафините меки и сочни.

Од смесата црпете и ставајте во калапи за мафини во кои претходно сте ставиле хартиени корпички за мафини. На врвот од секој мафин ставете една лажичка нутела. Печете ги 20 минути во загреана рерна на 180 степени. Потоа извадете ги и послужете ги изладени. По желба наросете ги со шеќер во прав или со чоколаден прелив.