Рецепт на Марија. Ова е еден сочен, многу убав колач кој се подготвува многу брзо и без употреба на миксер. Мајка ми го подготвуваше долг период, па пробајте го и вие.

Иако колачот е прелиен со шеќерен сируп, сепак, воопшто не му тежи на стомакот, бидејќи нема ниту јајца, ниту млеко, ниту јајца. Лесен е како пердув. Еве што ви не потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 15 супени лажици топла вода, 15 супени лажици шеќер, 15 супени лажици брашно, 3-4 рендани јаболка, 100 г мелени/ситно сечкани ореви + 100 г сечкани ореви за наросување на тепсијата,

100 г суво грозје (може комбинација со брусница или друго суво овошје по желба), 2 супени лажици гриз, 1 кесичка прашок за печиво (10 г), 1 мала лажичка сода бикарбона + неколку капки лимон за активација и ситно рендана кора по желба за вкус.

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ШЕРБЕТ: 200 г шеќер, 200 мл вода, 2 кесички ванилин шеќер и по желба малку сок од мандарина/портокал/лимон (не мора)




ПОСТАПКА (за тепсија бр.28 или приближно, но може да печете и во калап по ваша желба): За овој колач не ви е потребен миксер, бидејќи сè се меша со лажица. Во некои стари готвачи можеби ќе го сретнете и под тој назив „лажица колач“.




Во еден подлабок сад измерете 15 лажици топла вода, па додајте 15 лажици шеќер и мешајте за да се растопи. Откога шеќерот ќе се растопи се додаваат сите останати состојки: брашното, ренданите јаболка, гризот, оревите, сувото овошје…




Откако убаво ќе ја изедначите смесата, најпосле се додава прашокот за печиво, а во една лажичка се става сода бикарбона, се капнуваат неколку капки лимонов сок за да се активира, па кога ќе запени се истура во смесата.




Добро промешајте за да се изедначи смесата, па оставете ја поклопена на собна температура да одмори 10-15 минути. Во тепсијата во која ќе го печете колачот наросете 100 г ситно сечкани ореви, а може и листови од бадем или сечкани лешници, по избор.




Рерната вклучете ја да се загрева на 200 степени. Потоа излејте ја смесата, распоредете ја рамномерно, па протресете ја тепсијата и неколкупати потчукнете ја од работната површина за да се израмни убаво пред поечењето.




Ставете да се пече во загреаната рерна на 200 степени околу 15 минути, а потоа намалете на 180 степени и печете уште 15-20 минути. Кога е печена извадете ја од рерната и оставете ја да излади до собна температура. Се прелива ладен колач со топол шербет.




ЗА ШЕРБЕТ: Во едно тенџере ставете ги сите потребни состојки и од моментот на зовривање варете уште 2-3 минути додека убаво да се растопи шеќерот и да се формира сирупот.

По желба може да додадете и неколку тркалца лимон, или портокал или да капнете малку сок од мандарина за арома. одозгора можете да го наросите со мелени ореви, но и не мора.