Кога ќе го испечам овој колач би можела целиот одеднаш да го изедам…Комбинацијата е мирисниот рогач и сочните јаболка…ух, навистина е предобат. А толку е брз и едноставен за подготвка – Нина Ричи.

Убаво се приготвува и со покрупно мелен рогач, но од искуство ви велам дека најубаво излегува кога е фино мелен. Рогачот можете да го најдете во продавници за здрава храна, Краш или во поголемите супермаркети.

Потребни состојки: 4 јајца, ½ шолја шеќер (100 г), ½ шолја млеко (100 мл), ½ шолја масло (100 мл), 1 шолја брашно (130 г), 2/3 шолја мелен рогач (100 г) – просејте го да нема грутчиња, 2 ванилин шеќер, 1 прашок за печиво и 3 големи јаболка

За глазура (кој сака може да стави, но не мора): 150 г чоколадо за готвење (кој сака може да користи квалитетно чоколадо со поголем процент на какао, но може и било какво друго по сопствен избор) и 6 лажици масло

Постапка: вклучете ја рерната на 180 степени. Изматете ги јајцата со шеќерот и ванилин шеќерот. Додајте млеко, масло, брашно, прашок за печиво и рогач, па изматете со миксер.

Изрендајте (не ги сечкајте, ИЗРЕНДАЈТЕ ги, зошто нема да биде така сочен колачот) во смесата 3 јаболка. Измешајте ја смесата со лажица и излејте ја во тепсија со димензии 20х30 см.

Јас имам тепсија што не лепи, па не ја мачкам со ништо. Доколку би ја немала, би печела во тепсија обложена со хартија. Се пече 30 минути на 180 степени.

Врз изладениот колач може да се прелие чоколадна глазура. На пареа се растопува чоколадото за готвење и се додава 6 лажици масло. Кога малку ќе излади се прелива врз колачот. / Сооlinarika.com Прочитајте уште една верзија за овој вкусен колач:

Сочен колач од јаболко и рогач – прекрасен старински мек колач кој се топи во устата
Прекрасен старински колач, толку мек и сочен што се топи во устата, а вкусот на рогач во комбинација со јаболката, цимет и арома на рум – тотално ќе ве освои. Покрај тоа, колачот е многу едноставен и многу брзо се приготвува, па има ли нешто подобро?

Потребни состојки: 4 јајца, 75 г шеќер, 1 ванилин шеќер, 125 мл млеко, 75 мл масло, 1 лажица арома на рум, 100 г брашно (остро), 100 г рогач, 1 прашок за печиво, 1 лажичка цимет и 4 поголеми јаболка

За глазура: 125 г чоколадо за готвење, 25 г путер/маргарин, 2 лажици масло

Постапка: најпрво излупете ги јаболката. Во еден сад соединете ги сувите состојки: брашно, рогач, прашок за печиво и цимет.

Во друг поголем сад изматете со миксер јајца со шеќер и ванилин шеќер, минимум 5 минути на најсилна брзина додека јајцата да се запенат и пораснат. Потоа додајте млеко, масло и арома на рум (може и прав рум) и промешајте.

Потоа додајте ја и мешавината од суви состојки и соединете сè со миксер на најмала брзина во еднолична смеса.

На крај во смесата изрендајте ги и јаболката па рачно измешајте со лажица. Најдобро е директно да се рендаат во смесата зошто ако претходно ги изрендате во посебен сад, може да го испуштат сокот. Одберете јаболка по ваш вкус, но најдобри се зелените Granny Smith бидејќи се фини, сочни и киселкасти.

Пригответе помал плех (30х20 см), малку намастете го и побрашнете го, па истурете ја смесата за колач и печете во претходно загреана рерна на 180 степени, 30-35 минути. Проверете со чепкалка дали колачот е печен.

Почекајте малку да излади а потоа прелијте го со глазура. Глазурата направете ја така што ќе ги ставите на тивок оган чоколадото, путерот и маслото, па мешајте додека сето да се растопи и убаво соедини. Колачот сечете го на коцки и уживајте!