Со комбинирање на едноставни состојки го направив овој посен и сочен колач за кој не ви треба ниту млеко, ниту јајца. Се прави со малку брашно, ореви, џем, бисквити и чоколадо. Излегува многу вкусен и во исто време лесен за подготовка. Сѐ ми одзеде приближно 15-тина минути, а после печењето заедно со децата уживавме во овој колач.

Идеален за сите пригоди, едноставен, а толку вкусен и кремаст. Таканаречениот измислен колач од основни намирници на кој е тешко да се одолее. Домаќините ќе бидат повеќе од воодушевени и пријателите сигурно ќе ви го побараат рецептот. Едноставно мами и плени со својот изглед и вкус. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА БИСКВИТ: 400 мл вода, 13 лажици шеќер, 13 лажици брашно, 5 лажици мелени или блендирани лешници (може да користите и ореви или други јатки, а може и мешавина од повеќе јатки), 2 полни лажици какао, 3 супени лажици од кој било џем, 100 г посен мелен бисквит, 4 лажици масло, 1 лажица сода бикарбона.




ЗА ФИЛОТ: 125 г омекнат маргарин, 100 г шеќер во прав, 200 г посен мелен бисквит, 100 г посно чоколадо, 100 г печени блендирани или мелени лешници (може да користите и ореви), 200 мл сок од портокал. ЗА ГЛАЗУРА: 100 г посно чоколадо, 2 лажици масло.




ПОСТАПКА: За да го подготвите бисквитот, најпрво во еден подлабок сад сипете 400 мл млака вода и додајте 13 лажици шеќер. Добро измешајте со жица или маталка, додека шеќерот да почне да се топи во водата. Потоа додајте 3 лажици од било кој домашен џем, 100 г мелена, посна плазма, 2 лажици какао и 4 лажици масло.




Убаво измешајте додека да се соединат сувите состојки, па додајте 13 лажици брашно, измешано со 1 лажица сода бикарбона (може да се замени и со прашок за печење). Целата смеса се соединува додека да се добие мазна, еднолична и течна смеса, без грутчиња. Вклучете ја рерната да се загрее на 180 степени.




Смесата се прелива во намрсен и набрашнет плех или обложен со хартија за печење со димензии 33х23см и се пече во претходно загреаната рерна, околу 20 минути, со повремено проверување, во зависност од јачината на вашата рерна. Кога ќе се испече, врз кората се става хартија за печење и се притиска малку бидејќи средината малку ќе нарасне.




Доколку средината на кората е многу нарасната, можете со нож да го исечете тој дел за да ја исправите, така изгледа поубаво. ЗА ФИЛОТ: Се мати 125 г омекнат маргарин со 100 г шеќер во прав, па се додава 200 г посната плазма и се продолжува со матење.




Додајте 100 г изблендирани или мелените лешници како и 100 г рендано или ситно сечкано чоколадо, па прелијте со 200 мл сок од портокал. Изматете сè заедно, вкупно матете околу една минута, додека смесата да стане мазна. Нанесете го целиот фил врз кората, па сè убаво израмнете.




ЗА ГЛАЗУРА: На тивок оган растопете го посното чоколадо скршено на помали коцки со 2 лажици масло и прелијте го колачот. Оставете глазурата да се стегне и потоа послужете го колачот со сечење на коцки. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете ОВДЕ.