Снаа ми од брат многу се разбира во месење на различни пити, погачи и разни печива и отсекогаш ме воодушевувале нејзините вештини со тестото. Таа ме научи како да го правам најмекото тесто и овој рецепт во продолжение ми е од неа, за мене највкусниот од сите печива. Дечињата многу ги сакаат и често ги правам, излегуваат многу. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ТЕСТО: 200 мл млеко, 1 лажица шеќер, 25 г свеж или 7 г сув квасец, 200 мл вода, 100 мл масло, 1 лажица сол, 700 г брашно + малку да се домеси, 100 г маргарин. ЗА ФИЛОТ: 500 г ситно сирење, 200 г тврд кашкавал, 100 г шунка, панчета или некое слично сувомеснато.




ПОСТАПКА: Во подлабок сад сипајте 200 мл млако млеко, додајте 1 лажица шеќер и 25 г свеж, издробен квасец. Јас користев свеж квасец, а ако ви е полесно може да користите сув квасец, наместо свеж. Во тој случај ставете 7 г сув квасец. Енергично измешајте ги состојките со жица/маталка додека квасецот и шеќерот да се растопат во млекото, а потоа оставете да отстои 10-тина минути, додека квасецот да се активира.




Исечете си 100 г маргарин и ставете го во замрзнувач додека квасецот се активира. Во меѓувреме, во друг подлабок сад ставете 700 г брашно, па во него додајте 1 лажица сол, 200 мл млака вода и околу 70-80 мл масло. Добро соединете ги состојките додека водата и маслото да се соединат во брашното, па потоа прелијте со смесата од квасец, млеко и шеќер и замесете тесто.




Тестото треба да биде многу меко, затоа не треба да се меси долго, доволно е само додека да се соедини, да стане компактно, меко и мазно. Тестото најверојатно ќе биде уште лепливо, па затоа во него додајте уште 1 рака брашно и 20-30 мл од преостанатото масло. Малку измесете го, па вака подготвеното тесто оставете го во садот каде што го замесивте и покријте го со фолија или кујнска крпа и оставете да стасува околу 1 час.




За тоа време направете го филот. Измешајте го ситно исечкано или издробено сирење (500 г) со ренданиот тврд кашкавал (200 г) и ситно сечкано суво месо (100 г). Доколку сирењето не е доволно солено (претходно дегустирајте го), може сосем малку да го посолите, но имајте на ум дека сувомеснатото е веќе солено, и кашкавалот.




Стасаното тесто развлечете го со уште малку брашно во правоаголник со дебелина од половина, а потоа изрендајте го смрзнатиот маргарин и завиткајте го тестото во ролат од подолгата страна. Ролатот малку потстиснете го со раце и исечете го на онолку парчиња колку што сакате да добиете печива. Јас го исеков на 10 дела.




Секој дел посебно се развлекува со прсти на рамна, набрашнета површина, а потоа превртете го, сплескајте го повторно со рака и развлечете/истиснете го за средината да биде малку подебела, а краевите да бидат потенки (како на сликата). На средина ставете полна лажица фил, а потоа подигнете ги рабовите и спојте ги во средината, да се направи како топче.

Истиснете го топчето малку да се спласне и повторно да се обликува како круг. Вака подготвените печива/теста ставајте ги настрана додека ги подготвите сите. Потоа секое печиво поминете го нежно со набрашнета оклагија оклагија за да се формира перфектен круг со дијаметар од 15 см и вака подготвените печива редете ги во плех, обложен со хартија за печење.




Јас обично печам по 4 печива во еден плех за да не ми се допираат при нараснување, додека се печат. Изматете една жолчка и една лажица млеко, па премачкајте ги лепчињата и врз секоја ставете малку од преостанатиот фил (со сигурност ќе ви остане од филот бидејќи има околу 800 г) и наросете со семки по желба (сусам, ким..)

Оставете ги печивата да нараснат уште 30 минути во плехот, па вклучете ја рерната да се загрее на 200 степени. Печете ги 20-25 минути, во зависност од тоа колку попечени сакате да бидат одозгора. По печењето, печивата се оставаат малку да се оладат, па се послужуваат. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете ОВДЕ.