I РЕЦЕПТ: БАСБОУСА – Арапски гриз колач.

Слатко и сочно како од 1001 ноќ. Едноставен, а многу вкусен колач. Полн вкус на кокос ммммм….Нема кој не го сака овој колач. Доволно е само еднаш да го пробате, а потоа често ќе го правите и ќе ви го бараат. Како мерка се користи една шолја од 250 мл.

Потребни состојки: 1 шолја шеќер, 1 шолја брашно, 1 шолја кокосово брашно, 1 шолја масло (јас користев половина), 1 шолја млеко или јогурт, 1 шолја гриз, 1 прашок за печиво, 1 ванилин шеќер и 3 јајца.

За сируп: 2 шолји шеќер (јас ставив една шолја ама тоа е по вкус, мене ми беше доволно слатко), 1 шолја вода и 2 лажици сок од лимон, портокал или ружина водичка.

Постапка: Изматете ги јајцата со шеќер и додајте ги останатите состојки. Мешајте додека да добиете изедначена смеса. Истурете ја во плех обложен со хартија и ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени околу 30 минути. Во меѓувреме сварете сируп од шеќер и вода, додека да зоврие, па потоа додајте сок од лимон и гответе уште околу 1-2 минути.

Врелиот колач прелијте го со топлиот сирупот и оставете добро да впие и да се излади, па потоа сечете на коцки. Во некои рецепти може да се сретне дека пред печење се редат цели бадеми врз колачот. Се служи со кафе Бахарат, ориентален рецепт за кафе ароматизирано со каранфилче, цимет, кардамом и мускатно оревче. / Сoolinarika.com

II РЕЦЕПТ: Сè по три лажици – брз сочен колач, сè се меша без миксер за 15 минути – нашиот најомилен

Колачот е многу лесен, евтин и едноставен, иде сè по три лажици, а крајниот резултат е нешто што навистина ќе ве воодушеви. Потсетува на старинскиот колач “кох” со една освежителна нота на лимон. целиот е сочен и се топи во уста.

Потребни состојки: 3 јајца, 3 лажици шеќер, 3 лажици густин, 3 лажици гриз, 3 лажици млеко, 3 лажици масло, 3 лажици брашно, 3 лажици сок од лимон (приближно 1 лимон), рендана кора од лимон за вкус, 1 прашок за печиво, 2 кесички ванилин шеќер и малку путер за намастување на калапот.

За прелив ќе ви бидат потребни следните состојки: 500 мл млеко и 3 лажици кафеав шеќер (или обичен ако немате интегрален). Колачот се пече 15 минути во претходно загреана рерна на 180 степени, па врелиот колач се прелива млеко и шеќер (без варење). Одозгора се наросува со нешто по ваша желба.

Постапка: веднаш вклучете ја рерната да се загрева на 180 степени, бидејќи колачот се приготвува многу брзо и лесно. Можете веднаш да го приготвите и преливот за колачот кој не треба да се вари. Доволно е во млекото да го ставите шеќерот и да промешате додека тој да се раствори.

Во подлабок сад ставете три големи јајца, претходно отстојани на собна температура, додајте три лажици шеќер. Кој сака може и да ја намали количината на шеќерот, бидејќи во смесата се додаваат и две кесички ванилин шеќер. За наш вкус ова е доволно слатко за ваков сочен колач.

Јајцата со шеќерот кратко изматете ги со жица-маталка, па додајте три лажици млеко, три лажици масло, три лажици лимонов сок и промешајте за да се соединат состојките. потоа додајте го брашното, прашокот за печиво и две кесички ванилин шеќер.

На крај додајте го и густинот, гризот и ситно рендана лимонова кора. Сите додадени состојки треба убаво да се измешаат со жица-маталка додека да се изедначи смесата, да нема грутчиња. Плех или калап со димензии 30х20 см намастете го со путер или маргарин.

После 3-5 минути мешање, добиената смеса излејте ја во приготвениот плех, рамномерно распоредете и протресете го плехот, па ставете да се пече во загреана рерна на 180 степени, околу 15 минути. Дали е готов колачот ќе проверите со чепкалка.

Додека се пече колачот промешајте го млекото со шеќерот за да проверите дали шеќерот целосно се растопил. Печениот колач извадете го од рерна и веднаш додека е врел прелијте го ладното млеко во кое растворивте три лажици кафеав (интегрален) шеќер.

Ќе забележите дека колачот веднаш ќе го впие млекото. Додека колачот е топол и влажен, одозгора наросете мелени ореви за поубаво да се соединат со колачот. Наместо ореви можете да наросите мелени лешници, кокос, мелени бисквити или што и да сакате вие по желба.

Колачот потоа е потребно да се остави добро да излади, се послужува ладен од фрижидер, може со вртлог шлаг или топка сладолед по избор. Сам по себе колачот е премногу вкусен, па може да го послужите и без дополнителна декорација. Уживајте во вкусот!