Рецепт и фотографија на Дана Дробњак – Бронхи коцки. Многу вкусен чоколаден колач со освежителен ментол-карамелен вкус кој се добива од “бронхи” бонбоните. Пробајте направете го, нема да се покаете. Бонбоните во комбинација со чоколадото даваат неодолив вкус.

Потребни состојки за кора: 2 чаши (од 200 мл) брашно, 1 чаша шеќер, ½ чаша масло, ½ чаша какао, 2 чаши сок од вишни (од компот), 1 кесичка прашок за печиво, 1 прстофат сол, 2 лажици оцет.

За прелив за кората: 100 мл вода, 3 лажици какао, 5 лажици шеќер. За првиот фил: 300 мл слатка павлака и 200 г чоколадо. За втор фил: 200 мл слатка павлака и 100 г бронхи бонбони. За народување: рендано чоколадо.

Постапка за приготвување на кората: Во длабок сад ставете брашно, шеќер, масло, какао, компот, прашок за печиво, оцет, па сите состојки изматете ги со електричен миксер, најпрво на најслаба брзина, па постепено зголемувајте ја додека состојките да се соединат.

Кога смесата ќе стане еднолична и мазна, излејте ја во калап со димензии 20х30 см претходно обложен со хартија. Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени околу 25-30 минути. Проверете со чепкалка кога колачот е готов.

Пригответе го преливот: Во едно помало тенџере ставете 100 мл вода, 3 лажици какао и 5 лажици какао. Ставете на оган додека да зоврие, па намалете ја температурата и варете со постојано мешање додека сите состојки да се растопат и изедначат, неколку минути. Со топлиот прелив рамномерно прелијте ја топлата печена кора и оставете да излади целосно.

Приготвување на првиот фил: Во едно тенџере ставете 300 мл слатка павлака и додадете 200 г чоколадо искршено на коцки. Загревајте на тивок оган колку смесата да се загрее за да може чоколадото да се растопи, но внимавајте да не ви зоврие.

Тргнете од оган и мешајте додека чоколадото убаво да се соедини со слатката павлака. Оставете да се олади со собна температура па ставете во фрижидер убаво да се олади. Потоа изматете го со миксер додека да добиете крем. Со овој крем рамномерно премачкјате ја оладената кора и израмнете ја површината.

Приготвување на вториот фил: во тенџере ставете 100 г сечкани бронхи бонбони и 200 мл слатка павлака, па гответе додека бонбоните не се растопат (внимавајте смесата да не ви зоврие, па затоа загревајте на тивок оган колку да се загрее).

Потоа смесата добро изладете ја како и претходната, па изматете ја со миксер додека да добиете крем. Овој крем нанесете го рамномерно преку чоколадниот крем. Убаво израмнете и измазнете ја површината.

Одозгора изрендајте чоколадо по ваш избор како декорација. Колачот добро изладете го пред послужување, па сечете го и послужете го. (Сите кремасти колачи најдобро се сечат со претходно загреан нож). / Рецепт и фотографија на Дана Дробњак

чоколаден колач / Дана Дробњак