Една од најчесто користените состојки во кујната при подготовка на разни колачи и печива, е прашокот за печиво. Овој „волшебен полен“ кој м агично ги надувува колачите, мафините и кифлите, е лесно достапен и не чини многу. Но, има релативно краток рок на траење.




Некогаш, во недостиг на прашок за печиво, домаќинките го заменуваат со сода бикарбона. Меѓутоа, овие две состојки не се исти. Додека содата е чиста база (алкална) и потребна е киселина или висока температура за да направи реакција, прашокот за печиво веќе ги има потребните компоненти и при првиот допир со влага започнува да пени.




Која е разликата меѓу сода бикарбона и прашок за печиво? Најверојатно ви се случило при подготовка на јадење, во рецепт да се користи прашок за печење, а вие да имате само сода бикарбона или обратно.

Знаеме дека двете се користат за слична намена при подготовка на колачи и торти, па која е разликата меѓу сода бикарбона и прашок за печиво? Има мали кулинарски тајни кои вреди да се знаат, а ние сме тука да ви помогнеме за да станете експерти во вашата кујна! Најдолу можете да го прочитате рецептот за домашен прашок за печиво од кој колачите нараснуваат како балони.




Како делува содата бикарбона за нараснување на колачите и тортите? Иако многу наликуваат и се користат за слични намени, содата бикарбона и прашокот за печиво се разликуваат по хемискиот состав.

Содата бикарбона е база, па така често се додава во јадења кои имаат кисели состојки како лимон, киселина, јогурт или матеница. Во контакт со содата, киселината од овие намирници делува така што започнува хемиски процес, во кој се создаваат меурчиња, а тестото или смесата започнува да нараснува.




Дали знаете дека прашокот за печиво има двојно дејство при додавање во колачи и торти? Прашокот за печиво е посебна смеса од сода бикрабона и сува киселина, а понекогаш во неговиот состав се додава и густин.

Најголем дел од прашоците за печиво кои се наоѓаат на пазарот имаат двојно дејство. Така некои почнуваат да делуваат штом дојдат во контакт со вода, а преостанатото дејство се случува кога смесата во која сме додале прашок за печиво, започне да се загрева.




Имате прашок за печиво, а во рецептот се бара сода бикарбона? Ако во рецептот се користи сода бикарбона, а вие имате само прашок за печиво, не се откажувајте. За да го постигнете истиот ефект, наместо сода бикрабона додајте 2 до 3 пати повеќе прашок за печиво. Притоа, треба да имате во предвид дека храната може да има јак мирис на прашокот за печиво.




Како да користите сода бикарбона наместо прашок за печиво? Доколку на располагање имате само сода бикарбона, зголемете ја количината на кисели состојки за да може да ја активирате содата.

Со оглед на тоа што содата е речиси три пати појака од прашокот за печиво, морате да водите сметка и да ставите малку сода. Во рецептот може да додадете мала лажичка киселина или сок од лимон, на секоја половина лажичка сода бикарбона.




Рокот на траење на сода бикарбоната и прашокот за печиво зависи од начинот на чување. Меѓутоа, прашокот за печиво побрзо се расипува, односно ги губи својствата во рок од три месеци до година дена. Содата бикарбона и прашокот за печиво чувајте ги на суво и темно место, заштитени од влага.




РЕЦЕПТ ЗА ДОМАШЕН ПРАШОК ЗА ПЕЧИВО: Постојат три основни состојки кои се потребни доколку сакате да ја приготвите оваа м агична смеса. Потребно е брашно (или скроб/густин/нишесте), кристали на лимонска киселина и обична сода бикарбона. Еве ги точните пропорции:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 12 лажички брашно, 5 лажички сода бикарбона, 3 лажички лимонтус (или лимонов сок доколку веднаш се користи, а се додава на крај). ПОСТАПКА: Измешајте ги сите состојки додека да добиете изедначена смеса.




Оваа мешавина најдобро е да се чува во тегличка со херметички капак. На овој начин ќе обезбедите подолг рок на производот, а воедно ќе го заштитите од впивање на другите мириси од шкафот. Ако немате брашно при рака, може да користите и скроб/густин/нишесте. Со овој домашен прашок за печиво колачите ќе ви излезат совршено.

Совет: прашокот за печиво секогаш се додава при крајот од подготовката на тестото. Кога содата реагира со киселина, се создаваат меурчиња гас кои печивото го прават меко и воздушесто. Ако оваа реакција се создаде предвреме, овој гас ќе ни „избега“ во воздухот, наместо да се задржи во тестото.