“Нездравото живеење според мене е воедно и најголемата причина за заболувања од овој тип, од сите причини на кои можеме директно да влијаеме (за разлика од генетските предиспозиции кон одредени заболувања кои се за жал од наследен фактор со кој е најчесто невозможно да се бориме).”
…Имам автоимуно заболување кое како и повеќето заболувања на сопствениот организам да се напаѓа себе, не се знае од каде потекнува. Има неколку теории за тоа како доаѓа до напад на самиот организам на сопствениуте здрави клетки, но јас ќе ги напоменам само според мене најважните и “најинтересните” на кои сметам дека можеме да влијаеме.
Пред се главна причина која се издвојува е нездравиот живот: ригорозните диети, недоволното внесување на нутритивни хранливи оброци, прејадувањето, конзумирањето на брза храна и пијалаци полни со шеќер, злоупотреба на алкохол, цигари и други зависности кои директно влијаат врз нашето здравје, прекумерниот и хроничен стрес, слабата активност, недоволното експонирање на дневна светлина итн…
Слободно надополнете ја листата… Иако е премногу тешко сето ова да се стави под контрола, сепак, мислам дека секој може да воспостави некаков баланс, пред се бидејќи секој организам е различен и различно реагира и не постои единствен режим кој одлично би делувал на секој поединец.
Себеконтролата и препознавањето на сопствените потреби и слабости кога се работи за здравјето, можам да кажам дека се клучни. Нездравото живеење според мене е воедно и најголемата причина за заболувања од овој тип, од сите причини на кои можеме директно да влијаеме (за разлика од генетските предиспозиции кон одредени заболувања кои се за жал од наследен фактор со кој е најчесто невозможно да се бориме).
Паразитите во телото и некои бактерии се друга можна причина, а најчесто точно исхраната е таа која е клучна за нивно елиминирање…
Заболувањето кое го открив пред околу 4 години се вика автоимун тироидизам (тироидит Хашимото), при кое организмот го напаѓа ткивото на тироидната жлезда поради непознати причини.
Антителото се насочува против ткивото на штитната жлезда во која се синтетизираат хормоните, при што доаѓа до промени на структурата на жлездата и пореметување на нејзината функција. Лек за ова заболување не постои, поради тоа што не се знае кој е тригерот што го предизвикува, постои само вештачки тироксин кој се зема во консултација со ендокринолог.
Значи се зема супституција за недостатокот кој организмот не е во состојба да го создаде, но нема лек кој би делувал на причината која го иницира самонападот. Така, автоимуниот процес продолжува и прашање е на време кога ќе го “изеде” целиот орган (во случајот, тироидната жлезда). Звучи страшно, но без тироида сепак се живее.
Овде веќе станува збор за директно влијание на оваа болест врз квалитетот на живот. Како јас лично се определив да влијаам врз квалитетот на сопствениот живот кога дознав дека сум една од “жртвите”? Знаев дека итно морам да променам нешто во начинот на живот.
Веќе бев активна и тука за среќа немаше потреба од поголеми промени што се однесува до вежбањето. Но иако се хранев здраво и дисциплинирано, во консултација со цели групи од милиони членови со истиот проблем од целиот свет, решив да им се придружам во идејата дека од храната потекнуваат многу здравствени проблеми.
Застапниците на оваа идеја (Автоимун протокол / АИП) тврдат дека од исхраната треба да се исклучат цели групи на храна како глутенот, млекото и млечните производи, некои видови на зеленчук, јатките, јајцата, шеќерот итн. на определено време и потоа по определен редослед да се воведуваат повторно во исхрана врз принципот проба-грешка.
Доколку се внесе некоја храна која не сте ја конзумирале барем 4 недели и ви се појави било каков проблем како надуеност, лошење, повраќање, диареа, алергија со осип или било каква друга нелагодност, потребно е да се исклучи од употреба тој вид на храна.
Доколку се чувствувате добро, може да се продолжи со конзумација. Јас ова го правам веќе три и пол години и од тогаш, кога започнав, па се до сега, бројот на антителата кои ја напаќаат тироидата во мојот организам остана непроменет иако претходно беше во постојан пораст.
Кај мене се работи за одвај трицифрен број на антитела, а голем број од пациентите се соочуваат со борба од илјадници антитела и овој режим им помогнал да ги намалат на завидни бројки. Она што “останува” од исхраната, а “смее” да се конзумира, отприлика би била балансирана исхрана богата со свежи салати и свеж и варен/печен зеленчук, здрави протеини од органско и непроцесирано месо и морска риба, здрави масти како омега 3 и 6 и многу вода.
Суплементи како магнезиум, витамин Д, селен, цинк и пробиотици се повеќе од добредојдени. Кон “ригорозниот дел” од режимот се придржував околу две години, а сега веќе успешно ги воведов и јајцата и некои видови на јатки и семиња во исхраната. Она коешто најверојатно никогаш нема да го конзумирам повторно е млекото и млечните производи поради фактот дека сум лактозно интолерантна и глутенот кој е особено “интересен” за Хаши-пациентите.
Структурата на глутенот е многу слична на структурата на тироидата, па антителата кои ја напаѓаат, при конзумација на глутен се зголемуваат со цел да го уништат. Сепак, не сум приврзаник на анти-глутенската политика по секоја цена која доста брзо доплови од Америка. Ме плаши фактот дека многу луѓе иако немаат проблем со глутенот, го отстрануваат од употреба со цел да ослабнат.
Доколку немате целијаклија (алергија на глутен) или било каква нетолеранција на глутенот како во мојот случај, не е паметно негово целосно исклучување од исхраната. Затоа, пак ќе напоменам дека една од најважните цели на секој треба да биде воспоставувањето на добра врска со сопствениот организам и да се знае да се слуша сопственото тело. Мислам дека тоа е она што ме спаси, што ми помогна да ја откријам болеста во најрана фаза.
Не смее да се игнорираат евентуалните симптоми, но исто така не смееме да одиме и во другата крајност, а тоа е хипохондријата. Здравата врска со нашето тело е клучна за следењето на еден здрав животен стил. Секојдневно добивам коментари од типот: тоа што ти го правиш. јас не можам, тоа само ти можеш.
Јас ниту еднаш се немам согласено со ова. Искрено мислам дека апсолутно секој може. Човек треба да е доволно детерминиран и свесен дека се што правиме, колку и да изгледа тешко на почеток, е сепак само за наше добро. Сами избираме во какво тело ќе живееме. Нашето тело е нашата тврдина во која треба да го поминеме животот, а која во текот на животот ја градиме преку исхраната и нашиот карактер.
Да не се разбереме погрешно, не зборувам за совршено тело од часописите. Туку за фит и здрав изглед, убава сјајна кожа и коса, нокти, правилен од, избалансирана и позитивна енергија. Да, гените многу влијаат влијаатрз изгледот и евентуалните наследени болести, но факт е дека од нас најмногу зависи како ќе го поминеме секој нареден ден од нашиот живот.
Можеме да се откажеме и да чекаме работите магично да се поправат или да ги превземеме работите во сопствени раце. Многумина сакаат да потенцираат како нивната сестра, брат или пријателка јадат се, а се слаби, а тие пазат на секој залак и се полнички.
Тука станува збор за метаболизмот и неговата многу важна улога врз нашето здравје. Сите знаеме дека метаболизмот зависи од сопствените навики. Доколку се храните правилно, јадете повеќе со умот отколку со срцето и душата, вашиот метаболизам ќе ви возврати и ќе биде побрз.
Дали бременоста и мајчинството ти беше изговор или причина за да бидеш активна?
Погоре делумно одговорив на ова прашање. Карактерно сум таква: амбициозна, понекогаш до тврдоглавост. Не прифаќам пораз посебно ако ми е нешто многу важно. Не сакам да ги пропуштам предизвиците во животот… Не поднесувам и реакција по линија на помал отпор…
Така, мајчинството и бременоста ги прифатив како предизвик на кој мислам дека добро одговорив (т.е. се уште одговарам 😉 ) И тука вежбањето е само уште еден сегмент од целата приказна.
Вежбањето е мојата љубов, страст и зависност. Среќна сум што со ова зависност е препорачливо да се продолжи во текот на бременоста, доењето и генерално во целиот живот 😉
Често знам да кажам дека се е во главата. Потребно е да се решиш и ќе успееш. Бременоста е секогаш различна, за некои потешка, а некои полесна. Но поминуваат брзо тие девет месеци. Потоа остануваат само убавите спомени дека сме носеле живот и сме го поделиле нашето тело со новиот живот. Сме го поделиле нашиот животен стил со малиот наследник(чка).
Зарем има нешто поубаво од тоа? Децата се секојдневно потсетување дека мораме да издржиме во нашата мисија, да бидеме добри родители, да бидеме одлични примери.
Се надевам дека со сопругот ќе успееме да им го предадеме нашето искуство колку што се може, бидејќи факт е дека секој ја живее својата судбина и секој се учи најмногу од сопственото искуство.
medium.com