Снаата од брат ми постојано се врти во кујната и прави некои вкусни деликатесни јадења. Кога одиме кај нив на гости, секогаш се изненадуваме на нејзините нови рецепти, почнувајќи од предјадењето, па сѐ до десертот, а дома се враќаме најадени и среќни.
Пред некое време, таа ми го откри рецептот за нејзините палачинки кои ги подготвува со кефир, наместо со млеко. Се прашував како ѝ излегуваат толку меки и сочни и никогаш не се кинат, а се многу тенки. Таа ми откри дека ова е нејзиниот рецепт, кој многумина го барале од неа, бидејќи е најдобар.
Снаа ми прави двојна доза од овие палачинки, едните ги полни со солен фил кој го послужува со главното јадење, а вторите ги остава празни и ги послужува со чоколаден крем и пропржено бобесто овошје, па ние сами си ги полниме. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 мл кефир (2 чаши), 1 лажиче сода бикарбона, 350 г брашно, 1 лажица шеќер, 1/2 лажиче сол, 2 јајца, 500 мл зовриена вода, 3 лажици масло. Филот може да го подготвувате според ваш вкус, а многу се вкусни и шупливи.
ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад сипете 2 чаши кефир на собна температура, да биде млак. Додајте 1 лажиче прашок за печиво, промешајте со жица/маталка и почекајте малку да запени. Во друг сад измешајте го брашното со 1 лажица шеќер и 1/2 лажиче сол.
Кога смесата ќе запени, директно во неа скршете ги двете јајца, на собна температура, па разредете и измешајте ги добро во течната смеса. Постепено започнете да ги додавате сувите состојки во влажните. Мешајте константно, за да не се формираат грутчиња од брашното.
Кога ќе ги додадете сувите состојки, ќе забележите дека смесата е малку погуста од вообичаената смеса за палачинки. Додајте 3 лажици масло или растопен путер и добро измешајте сѐ. На крајот разредете ја смесата со зовриена вода (малку оставете да се олади). Водата се додава постепено за смесата да се разреди и да стане потечна.
Вака подготвената смеса може веднаш да се подготвува. Во малку загреано тавче премачкано со малку масло со салфетка (се премачкува пред секоја палачинка), излејте 1 кутлача од смесата или колку што ви собира, според големината на тавчето.
Пржете од првата страна додека страните на палачинката сами да се одвојат од тавчето, а потоа превртете ја на втората страна и печете ја уште кратко време. Палачинките редете ги една врз друга. Ова е предлогот на снаа ми за солен фил: сварете неколку компири, издробете ги во пире, па додајте малку сол, ситно сечкан магдонос и пропржено кромитче.
Филувајте ја секоја палачинка со овој фил, па завиткајте ја како „бурито“. Истото може да го направите и со благ фил. Деталите погледнете ги ОВДЕ.