Тортата е прекрасна, ќе се уверите. Се приготвува од два муса со вкус на јагода и бело чоколадо, целата е кремаста и освежителна.

Потребни состојки: 285-300 г мелени бисквити, 125 г путер/маргарин, во зависност од кексите, можеби ќе биде потребно уште дополнителни 10-20 г, 450 г јагоди + 200 г за декорација, 70 г шеќер, 1 литар слатка павлака, 200 г бело чоколадо, 2 кесички желатин (2х10 г) со 2х5 лажици ладна вода или според упатството на кесичката. Се користи калап за торти 28 см

Постапка: Путерот растопете го и прелијте го врз мелените бисквити. Добро промешајте па добиената ровка смеса убаво натапкајте ја на дното од калапот кој претходно сте го намастиле со путер.

Ако смесата ви се чини дека е премногу сува, тогаш растопете уште 10-20 г путер и додадете ја. Натапкајте ја кората и израмнете со лажица. Оставете во фрижидер да излади и да се стегне.

Јагодите добро измијте ги и исчистете ги, а малку издвојте за декорација. Исчистените јагоди ставете ги на оган и додадете го шеќерот. Гответе додека шеќерот да се растопи, неколку минути откако ќе зоврие.

Желатинот пригответе го според упатството на кесичката (10 г +5 лажици). Откако ќе го промешате со вода оставете го да се стегне.

Зготвените јагоди тргнете ги на страна и испасирајте ги (може да оставите и некои парчиња да се чувствуваат). Потоа додадете го желатинот, добро промешајте и оставете ја смесата со јагоди целосно да излади.

За тоа време пригответе го белиот мус со чоколадо. Искршете го белото чоколадо на коцки, па пригответе го вториот желатин (10 г +5 лажици).

Во белото чоколадо додадете 150 мл слатка павлака и растопете го на тивок оган (внимавајте да не ви загори) или на пареа. Потоа додадете го стврднатиот желатин, промешајте добро и оставете и оваа смеса добро да излади.

350 мл слатка павлака изматете со миксер додека да добиете шлаг, па соединете со растопеното и изладено бело чоколадо. Прво промешајте со лажица, а потоа и со миксер.

Преку првиот слој од бисквити нанесете го белиот слој и израмнете. Оставете да се лади во фрижидер додека го приготвувате мусот со јагоди.

За мус од јагоди изматете со миксер уште 300 мл слатка павлака во шлаг. Соединете го шлагот со јагодите прво со лажица а потоа и со миксер.

Преку мусот од бело чоколадо нанесете го мусот од јагоди, израмнете и оставете во фрижидер да се лади, околу 1-2 часа за да се стегне.

Изматете уште 200 мл слатка павлака во шлаг за да се декорира тортата одозгора. Украсете со јагоди.

Целата постапка можете да ја погледнете во видеото: