Прекрасни, вкусни, сочни! Пробајте ги, ќе ги обожавате. Потсетуваат малку на „урмашици“, но малку се „полесни“ од нив, бидејќи преливот не се вари, па на ладно место можат да стојат и неколку дена, но секогаш сите се изедуваат во рекордно време.

Навистина овие колачиња се убави и за секој ден, а бидејќи излегуваат доста може да ги приготвувате и за родендени или слави. Ќе ги оцените со 10 особено сите љубители на сочните (шербетни) колачи. Топло ви ги препорачувам да ги направите, ако не сте ги направиле досега.

Потребни состојки: 2 јајца, 1 шолја јогурт, 1 шолја масло, 2 шолји гриз, 2 шолји брашно, 20 г прашок за печиво, 1 ванилин шеќер, 1 лимон – рендана кора и 1 шолја гриз – за валкање

За прелив: 4 шолји шеќер во прав – 500 г, 4 шолји вода, ½ лимон и 1 ванилин шеќер

Постапка: Се мери со шолја од 200 мл. Изматете ги јајцата пенасто, додајте ванилин шеќер и масло, промешајте, а потоа додајте јогурт и мешајте за да се изедначи смесата. Во друг сад измешајте ги сувите состојки: брашното, гризот и прашокот за печиво, па постепено додабајтете и изматете во смесата со јајца, убаво да се соедини и изедначи.

Смесата е ретка ама таква треба да биде, бидејќи со стоење гризот ќе набубри и ќе ја впие течноста. Значи, оставете ја смесата околу половина час на страна. И натаму смесата е мека – пенаста, ама фино се обликува и не се лепи за раце.

Од тестото одвојувајте мали парчиња и обликувајте топчиња кои се валкаат во гриз и се ставаат во намастен плех. Оставете ги да одморат уште малку во плехот пред печењето, околу 15-тина минути. Ставете ги да се печат во загреана рерна на 200 степени околу 15-20 минути додека малку да заруменат.

За прелив: измешајте го шеќерот во прав со водата и промешајте еден ванилин шеќер. Додадете и тркалца од половина лимоб и мешајте додека убаво шеќерот да се растопи и соедини со водата. Не се вари!

Топлите колачиња прелијте ги со сирупот, а со лажица ставајте по малку врз секое колаче околу 2-3 пати. Од оваа количина се добиваат околу 70 колачиња. / vukica / Сооlinarika.com

Жербо бомбици – ситни колачи со неодолив вкус, буквално се топат во уста

Ова е стар рецепт, а овие превкусни посни ситни колачи се застапени на мојата трпеза подеднакво и за посни слави, но и за секакви други пригоди.

Според истиот рецепт овие бонбици можете да ги направите од било кои биксвити по ваш избор, но за посната варијанта одберете посни. Истото важи и за чоколадната глазура.

Потребни состојки: 200 г мелени бисквити (посни), 100 г мелени ореви, 2 лажици шеќер во прав и 5 лажици џем од кајсии. За глазура: 200 г чоколадо за готвење (посно), 1 лажица масло, 2 лажици ситно сечкани ореви- за декорација

Постапка: во поголем сад додадете ги сите суви состојки, а на крај и џемот, па промешајте и изедначете ги состојките. Со рака соединете во убаво мазно и ровко тесто. Правете топчиња со величина на орев.

Редете ги врз мазна површина или хартија за печење, па оставете ги во фрижидер да се стегнат, околу 10 минути. За глазура: растопете го чоколадото на многу тивок оган или пареа, и разматете го со една лажица масло.

Со помош на чепкалка боцкајте ги бомбиците, па потопувајте ги во чоколадната глазура. Одозгора наросувајте ги со малку сечкани ореви. Вратете ги во фрижидер за убаво да се стегнат. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.