Ситни грицки, одлични за мезе – вкусни и излегуваат многу

Нема ништо подобро од вкусни грицки по кои посегнуваме кога сме на пауза од некоја работа, помеѓу оброците или кога гледаме некој филм. Но, на сите ни е познато дека индустриските закуски се преполни со сол и разни адитиви-појачувачи на вкусови. Затоа, пригответе си вкусни, домашни грицки, многу брзо и многу лесно.




Во продолжение можете да прочитате два рецепти, од кои првиот се приготвува со сирење и прашок за печиво, а вториот рецепт содржи путер и маст, а се замесува со сув квасец. Двата рецепти се брзи и едноставни, а добивате превкусни мали залаци.

РЕЦЕПТ 1 – Потребни состојки: 500 г маргарин/путер, 500 г кравјо сирење, 700 г брашно, ½ лажичка прашок за печиво, сол, 1 јајце, сусам, рендан кашкавал и ким. По желба може да додадете суса, ленено семе, мак или некој зачин по ваш вкус, но кимот се покажал како најблиску до купечките „квики“.




Постапка: Во поголем сад измешајте го брашното со прашокот за печиво, малку посолете, па додајте го путерот исечкан на листови и омекнат на собна температура. Додајте го и ситното сирење па замесете со рака додека да добиете компактна смеса. Ако ви се чини малку лепливо и меко, тогаш додајте уште малку брашно, зошто ова може да зависи од видот на сирењето.




Тестото поделете го на две топки, а секоја развлчете ја во кора со дебелина од околу половина центиметар. Ако правите стапчиња, топката од тесто треба да ја развлечете во правоаголник, да ја премачкате со разматено јајце, да ја наросите рамномерно со сусам или ким или рендан кашкавал, па со ваљак за сечење тесто да исечете тенки ленти со ширина од 1 см.




Од кората можете да вадите форми со модли по ваша желба. Овие форми се премачкуваат и наросуваат пред печењето, бидејќи остатокот од тестото повторно се премесува и се развлекува во кора, од која се вадат форми додека да се потроши тестото.




Формите се редат на мало растојание во плех обложен со хартија за печење, па се печат во претходно загреана рерна на 180 степени околу 15 минути. Секако, печењето прилагодете го според вашата рерна. Прочитајте го и вториот рецепт, кој верувам ќе ве воодушеви:




РЕЦЕПТ 2 – Потребни состојки: 250 г путер/маргарин, 250 г маст, 1 супена лажица сол, 200 мл млеко, 1 кесичка сув квасец, 1 кг брашно и 2 лажици шеќер. За наросување и премачкување: 1 јајце и сусам.




Постапка: Маргаринот, маста, шеќерот и солта се мешаат до соединување. Млекото се подгрева да биде млако и се истура во брашното каде е додаден квасецот. Овој квасец е многу побрз и полесен и нема потреба да се чека неговата активација, а исто така, помалку се чyвствува во тестото.




Се соединуваат сите состојки, тестото добро се замесува, па кога ќе стане компактно, се вади на работна површина и уште малку се домесува додека да стане мазно. Поентата на овие солени погачици е тоа што тестото не треба да се остава да расте, туку веднаш се развива штом ќе се замеси.




Се развлекува кора со дебелина од еден прст, па се вадат мали погачи со најмалата чашка од paкија што ја имате. Се редат во плех обложен со хартија и се оставаат малку да одморат околу 30-40 минути, па потоа се премачкуваат со јајце и одозгора се наросуваат со сусам. Се печат 20 минути во загреана рерна на 180 степени, додека да заруменат.

Претходна статијаЗа овие намирници никогаш не би рекле дека го покачуваат притисокот, а не се ниту масни, ниту пржени, напротив
Следна статијаУтре е Томина недела – еве што не треба да се прави на овој голем празник