Видов дека објавувате разни природни рецепти, па се надевам дека некому ќе помогнам со овој природен сируп. Идеален е за деца и возрасни, а помага при разни настинки, кашлица и отечено грло.

Потребни состојки:

400 г млади борови иглички

1 кг кристален шеќер

Постапка:

Наберете млади борови иглички околу 400 грама.

Берете ги само младите пупки кои имаат светлозелена боја. Измијте ги под студен млаз вода и наредете ги на кујнска крпа да се потсушат.

Во голема стаклена тегла прво ставете ги боровите иглички, па наросете ги одозгора со шеќер. Јас ставам 1 килограм обичен кристален шеќер. Теглата поклопете ја со тацна за да го заштитите сирупот од досадните инсекти.

За да го добиете лековитиот сируп потребни се 3 до 4 месеци, во зависност од тоа каде ќе ја чувате теглата. Постапката е побрза доколку таа е изложена на сонце.

Вие не треба веќе ништо да направите, природата сама ќе си го направи своето.

Кога сонцето и природата ќе си го направат своето, вие ќе добиете готов производ без рок на траење.

Се користи по потреба, по една супена лажица 2-3 пати дневно. За одржување: 1 лажица дневно, најдобро пред оброк или помеѓу оброци.