Сируп од малини без конзерванси – се подготвува многу брзо, а може да се чува цела година

Малината (Rubus idaeus) е повеќегодишно самонико растение кое расте на надморска височина од 400 до 800 м. Има зељесто стебло, бели цветови со долги дршки и црвени плодови со пријатен мирис и вкус.

За приготвување на лек се берат плодовите и листовите на малината, а во кулинарството може да се приготви сок, сируп, џем или некоја друга слатка. Во грчката митологија пишува дека малината му го спасила животот на богот Зевс кога мајка му го скрила зад грмушката на оваа билка, за да не го у бие татко му.

Римјаните први ја одгледувале малината во Европа, а во средниот век можеле да си ја дозволат само богатите луѓе. Во Северна Америка, Индијанците ја одгледувале многу порано од доаѓањето на Европјаните. Малината е застапена во Европа, Азија, Африка, Северна и Јужна Америка, а Русија е земја која најмногу ја произведува.

Сируп од малини, без конзерванси, се подготвува за неполни 30 минути. Доаѓа сезоната на малините, а бидејќи сите ги обожаваат, најмногу децата, може да подготвите домашен сируп кој се прави брзо и многу едноставно.

Подготовката е многу лесна и едноставна, а излегува голема количина сируп. Има долг рок на траење, до една година, па затоа може да подготвите во поголема количина и да го складирате за да имате во текот на зимата.

Децата го обожаваат, а одличен е за нив бидејќи е домашен, не е како купечките сокови кои се преполни со адитиви и конзерванси. Количината на шеќер може да ја прилагодите според ваш вкус.

I Рецепт: Сируп од малини без конзерванси – рецепт

Потребни состојки: 4 кг малини, 1 кг шеќер, 600 мл вода.

Постапка: Малините добро измијте ги под вода и ставете ги во сад да отстојат некое време. Исчистете ги малините од дополнителни гранчиња, доколку е потребно. Добро измиените малини ставете ги во поголемо тенџере, а врз нив прелијте со 400 мл вода.

Ставете го тенџерето на рингла, поклопете и варете сè додека водата да зоврие. Потоа со дрвена лажица промешајте ги малините и тргнете го тенџерето од рингла. Низ поголема цедалка процедете го добиениот сируп.

Додавајте малку по малку со чаша во цедалката, за да може сокот убаво да се процеди. Во остатокот од малините додајте ги дополнителните 200 мл вода, промешајте и повторно процедете го сирупот.

Процедете го сирупот низ дополнителна цедалка со газа во тенџере. Во него додајте 1 кг шеќер. Промешајте го сирупот за да се раствори шеќерот во него. Повторно ставете го тенџерето на рингла.

Варете додека сирупот да зоврие, отприлика околу 10 минути. Пената која се насобира при варењето, отстранувајте ја со лажица. По изминатото време, врелиот сируп се прелива во добро стерилизирани стаклени шишиња.

Најдобро е шишињата да ги стерилизирате пред подготовката на сирупот, за да бидат сè уште топли кога сокот ќе биде готов. Стерилизирајте ги во претходно загреана рерна на 180 степени околу 20 минути.

Сирупот прелијте го во шишињата, а потоа добро затворете. Вака подготвениот сируп може да се чува до една година на суво и темно место. Шишињата во кои го ставивте сирупот, завиткајте ги во ќебе и оставете да се оладат на суво и темно место.

Сирупот пијте го разреден со вода и ќе добиете освежителен пијалак. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.

II рецепт: Вкусен сок од малини без шеќер – рецепт

Сокот од малини може да се приготви на повеќе начини, а рецептот кој ќе го прочитате овде е е ден од најздравите бидејќи во него не се додава шеќер. Се приготвува многу брзо и едноставно, а притоа ќе извалкате многу малку садови.

Потребни состојки: 3 кг малини, 3 лимони, 1 ½ -2 литри вода.

Постапка: Потрудете се да пронајдете што позрели малини кои добро ќе ги измиете и елиминирате зелените или мувлосаните делови. Ставете ги во подлабок сад за готвење и изгмечете ги за да пуштат сок.

Лимоните добро измијте ги, не ги лупете, туку исечкајте ги на кругови и додајте ги на малините. Мешавината прелијте ја со вода и оставете ја на тивок оган додека да проврие.

Кога ќе проврие, потребно е сокот да се остави да се излади за да можете да го процедите низ цедалка и газа. Процедениот сок складирајте го во чисти стаклени шишиња и херметички затворете ги.

Шишињата ставете ги во поголем и подлабок сад за готвење во кој ќе ставете вода до врв на шишињата. Шишињата извадете ги од садот, избришете ги и почекајте сокот да излади. Чувајте ги во замрзнувач.

Напомена: Во сокот можете да додадете мед, интегрален шеќер или некој друг засладувач. За освежувачки вкус ставете неколку коцки мраз.

III Рецепт: Џем од малини без шеќер – многу вкусно

Рецепт на Coolinarka.com. Џемот од малини може да се направи и без шеќер. Малините содржат свој природен шеќер кој ја дава слаткоста на овој џем. Може да го правите во текот на цела година, бидејќи може да се подготви и од замрзнати малини.

Потребни состојки: 1 кг малини, 1 лажица течна ванила, сок од половина лимон.

Постапка: Ставете ги малините во сад и измијте ги добро. Потоа ставете ги во тенџере и додајте ја ванилата и варете на умерена температура. Нема потреба да додавате вода бидејќи малините ќе го испуштат својот сок при варењето.

Додајте го сокот од лимон при крајот. Гответе ги малините додека да зоврие целата течност и да се добие густината. Значи треба да добиете густа смеса, ако има уште течност – џемот не е подготвен.

Џемот складирајте го во стерилизирани тегли. Затворете го капакот и свртете ја теглата наопаку да се излади. На овој начин се создава вакуум во теглата и не е потребно да се додава некој конзерванс.

Џемот може да се чува многу долго и во текот на зимата. Само кога ќе ја отворите теглата, треба да ја искористите што е можно побрзо и да ја чувате во фрижидер бидејќи тогаш може да скисели.

Вака подготвениот џем може да го јадат и дијабетичари. Одличен е како намаз на парче интегрален леб, за палачинки или како додаток на некоја салата. / Текстот за НМД.мк го напиша Мартина Христовска

Loading...