Фото и рецепт: Мирјана Митровиќ – Шведски колач со јаболка.

Колачот го приготвив според рецептот на Јадранка Живковиќ и навистина е феноменален! Излегуваат 20 големки парчиња, колачот се пече на 200 степени 25 минути, а плехот е со димензии 25х35 см.

Сличен рецепт за шведски колач со јаболка, со видео презентација можете да погледнете ОВДЕ. Колачот е многу сличен на познатата италијанска Шарлотка, чиј рецепт можете да го прочитате ОВДЕ.

Потребни состојки:

50 г маргарин/путер
2 јајца
350 мл шеќер – мерено во чаша/мензура
600 мл брашно – // –
1 лажичка прашок за печиво
200 мл кисело млеко или јогурт

За фил:

2 лажици шеќер
2 лажици цимет
6-7 средни јаболка
100 г маргарин/путер

Постапка:

Јаболката излупете ги и тенко исечете ги на парчиња, па наросете ги со шеќер и цимет и оставете ги 10 минути да омекнат и да пуштат течност (доколку сакате може да ги испрскате со лимонов сок). 100 г маргарин исечете го на коцкички кои ќе ги наредите врз колачот пред печењето.

Замесување на тестото: Растопете го маргаринот и оставете го да подизлади. Изматете ги јајцата со шеќерот додека тој да се растопи. Измешајте го брашното со шрашокот за печиво, па кога јајцата ќе станат кремасти, додавајте наизменично брашно, јогурт и растопен маргарин.

Тестото распоредете го во плех со димензии 25х35 см обложен со хартија за печење, па одозгора забодувајте ги парчињата јаболка во тестото едно до друго.

Онаа течност ако останала од јаболката, прелијте ја одозгора, наросете кафеав шеќер или ванилин (или перл шеќер), наредете коцкички маргарин и ставете да се пече во загреана рерна на 200 степени околу 25 минути. Пред сечење почекајте малку да излади колачот, Може да се јаде така, да се прелие со сос од ванила или сос од шумско овошје.

Фото и рецепт: Мирјана Митровиќ