Ова е еден од оние стари и проверени рецепти кои секоја домаќинка го имаше запишано во својот тефтер, а денес е малку подзаборавен. Се приготвува од евтини состојки, а се добива голема количина. Многу е вкусен и декоративен, па доволно е само него да приготвите и повеќе ништо друго не ви е потребно. Еве што ви е потребно:




РЕЦЕПТ – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (се користи шолјичка од 70 мл) – за бисквит 1: 5 јајца, 4 шолји шеќер, 3 шолји масло, 4 шолји брашно, 1/2 кесичка прашок за печиво (5 г). За бисквит 2: 5 јајца, 4 шолји шеќер, 3 шолји масло, 4 шолји брашно, 1/2 кесичка прашок за печиво, 2 лажици какао во прав. ЗА ФИЛ: 400 г шеќер, 1 литар млеко, 8 лажици брашно, 1 лажица ванилин екстракт, 250 г путер/маргарин. И уште: 5 листови обланда




ПОСТАПКА: Во едно тенџере (најдобро со бело дно) ставете 400 г шеќер, па загревајте го на ниска температура за да се растопи. Во меѓувреме измешајте 8 супени лажици брашно со 400 мл млеко (одземени од 1 литар).




Додајте една лажица екстракт од ванила или една кесичка (10 г), па добро изматете за да нема грутчиња од брашното. Штом шеќерот во тенџерето се растопи и добие боја на карамел, залијте го остатокот од млекото (600 мл) и почекајте додека да се загрее и да почне да се растопува здрвениот карамел.

Мешајте со лажица за да помогнете побрзо да се растопи карамелизираниот шеќер. Кога целосно ќе се раствори тргнете го тенџерето од рингла и полека додајте ја мешавината од брашно и млеко со непрекинато мешање.




Потоа вратете го тенџерето на оган и варете го кремот со енергично мешање додека да ја постигне посакуваната густина. Сварениот крем тргнете го настрана и оставете го покриен со кеса/фолија додека да се олади на собна температура. Во меѓувреме исечете 250 г путер или маргарин на помали коцки и оставете да омекне на исто така, собна температура.




За бисквит: во различни садови одвојте ги белките од жолчките (од 5 јајца), па пенасто изматете ги белките со миксер. Потоа започнете постепено да го додавате шеќерот (4 мали шолји од 70 мл) додека непрекинато матите. Кога ќе добиете цврст снег, а шеќерот ќе се растопи, започнете да ги додавате жолчките, една по една.




Потоа, додека сè уште матите со миксерот додајте три шолјички масло за готвење, во тенок млаз. Најпосле додајте 4 шолјички брашно помешано со половина кесичка прашок за печиво и изматете со миксерот на поспора брзина додека сето убаво да се соедини.




Големиот плех од рерна обложете го со хартија за печење, па излејте го во него приготвеното тесто, распоредете и израмнете, па ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени, 20-тина минути.

Кога ќе се испече оставете го да се олади, а во меѓувреме пригответе го темниот бисквит, на ист начин како и белиот, само што на крај во тестото вмешувате две лажици какао во прав. Изедначете и печете во загреана рерна на 180 степени, 20-тина минути.




Испечените и оладени бисквити исечете ги на 10 еднакви, долги ленти, а по потреба отстранете ги крајчињата за да се израмнат. Пенасто изматете го омекнатиот путер, па започнете да го додавате во него оладениот крем, лажица по лажица или на неколку наврати додека целосно да се соединат во нежна смеса.




Земете една чиста кујнска крпа, натопете ја со вода и добро исцедете ја. Потоа во неа завиткајте лист обланда и оставете така додека да омекне за да може да се витка без да се искрши или напукне. Ова направете го со сите пет листови обланда, а потоа започнете со филувањето.

ФИЛУВАЊЕ: Целиот лист обланда премачкјате го со дел од петтина крем, па едната половина од листот ставете по една бела и една црна лента и премачкјате ги со малку крем. Врз црната лента ставете бела, а врз белата, црна лента, па повторно премачкјате со малку крем.

Потоа внимателно свиткајте ги ролатите. Чувајте ги во фрижидер, а може и да ги замрзнете. Откако ќе се стегнат во фрижидер, најдобро преку цела ноќ, сечете ги и послужете ги. Деталите погледнете ги ОВДЕ.