Фото и рецепт: Beti Josi (Klara boss) – Домашни септолете.

Направете ги овие домашни вкусни бонбони и бидете подготвени за претстојните периоди на настинки и вирусни инфекции. Штом ве загребе грлото, веднаш земете си од домашното септолете и спречете напредување на инфекцијата.

Потребни состојки:

1 чаша (јогуртна од 180-190 мл) шеќер
½ чаша вода
1 лажица сок од лимон
1 лажица мед
½ лажиче ѓумбир во прав
¼ лажиче мелено каранфилче

Постапка:

Ставете ги сите состојки во огноотпорен сад на највисока температура додека зовријат. Потоа, намалете ја температурата на средна до средно-висока и мешајте често во период од 20-тина минути. Ќе се добие течна густина (многу слична како шербетот за слатко).

Тргнете го садот на страна и оставете го неколку минути да подизлади (зависно од собната температура, околу 5 минути).

Во плехот од шпоретот наместете пек-хартија. Со помош на лажица истурајте од бомбон смесата во мали купчиња во големина на станадардни бонбончиња. Оставете ги барем 20 минути да се здрват, па наросете ги со шеќер во прав обилно. Извадете/одлепете ги од хартијата и убаво измешајте ги.

Чувајте ги на ладно и суво место. Помеѓу секој ред ставете масна хартија или приросете уште малку шеќер во прав.

Фото и рецепт: Beti Josi (Klara boss)