Фото и рецепт: Веселка Кузмановска – Ружички. Рецептот за овој омилен старински колач “Ружички” ни го претстави нашата фрага членка Веселка Кузмановска во групата НМД рецепти.

Како и сите старински колачи, така и овие, за да се приготват потребни се само неколку состојки, а сепак ќе ужувате во нивниот вкус. Излегуваат многу, околу 55-60 колачи, па доколку тоа ви е премногу, преполовете ги количините.

Ако пак се одлучите да ги правите во цела мера, тогаш имајте на ум дека можете да ги јадете на три начини: веднаш – додека се топли, после неколку денови – кога ќе отстојат и убаво ќе омекнат, или откако ќе ги извадите од замрзнувач и одмрзнете…

Потребни состојки: 2 чаши (од 250 мл) стопена маст, 1 чаша млака вода, 1 ванилин шеќер, 1 прашок за печиво, ½ кесичка сув квасец, 2 лажици шеќер (2 раце), брашно по потреба (околу 700-800 г), џем за полнење (или фил по желба) и шеќер во прав за валкање

Постапка: Најпрво во подлабок сад ставете ја млаката вода, шеќерот и квасецот, па промешајте да се растопат. Додадете го прашокот за печиво и растопената маст, а потоа малку по малку додавајте го брашното со непрекинато мешање на лажицата.

Тестото треба да биде меко и доста масно, но да се одвојува од ѕидовите на садот. Оставете го половина час да стаса. Откинувајте парчиња од тестото со величина на пинг понг топче, приближно. Развлекувајте ги на дланка со сплескување, ставете џем или фил по желба, па спојте ги краевите и обликувајте ја ружичката.

Редете ги во ненамастен плех и печете ги во загреана рерна на 200 степени околу 15 минути, колку малку да заруменат, не треба да се препечат. Топли валкајте ги во шеќер во прав.

Фото и рецепт: Веселка Кузмановска