Фото и рецепт: Снежана Стевановиќ
Според рецепт од mysticcakes.com

Ова е уште еден старински рецепт од малку состојки, без многу филозофии. Овие штрудлички се доказ дека едноставните работи најчесто се најдобри.

Потребни состојки:

250 г маргарин (или свинска маст)
180 г кисела павлака (1 чаша)
1 ванилин шеќер
500 г меко брашно

и уште:

некој цврст џем (од дуњи или сливи)
шеќер во прав за наросување одозгора

Постапка:

Во еден поголем сад ставете го маргаринот исечкан на листови. Додадете кисела павлака, ванилин шеќер и брашно, па замесете убаво мазно тесто.

Се добива навистина фино тесто кое не се лепи на рацете и за кое нема потреба уште да додавате брашно.

Тестото веднаш е подготвено да се работи со него, не мора да се остава да отстојува.

Истресете го тестото врз набрашнета површина. Земете оклагија и развлечете го во форма на правоаголник, со приближно 3 мм дебелина.

Потоа кората исечете ја на ленти со широчина од 8 см.

Во средината на секоја лента распоредете џем и како што реков, важно е да биде некој погуст, за да не истекува.

Потоа превиткајте ги лентите, така да добиете долга штрудла и задолжително со прстите притиснете ги краевите за да не се отвора штрудлата.

Штрудлата свртете ја на другата страна, така што спојката да биде долу. Префрлете ја штрудлата во плех обложен со хартија. Повторете ја постапката со сите ленти од тестото.

Откако ќе ги наредите сите штрудли во плехот, земете остар нож и секоја штрудла исечкајте ја на помали штрудли со должина од 5 см или според ваша желба.

Ставете ги да се печат во претходно загреана рерна на 180 степени, 25-30 минути, односно додека малку да заруменат. Од крајот на печењето можете малку да го засилите огнот на 200 степени доколку не ви заруменуваат.

Откако ќе се оладат, печените штрудлички наросете ги со шеќер во прав и чувајте ги затворени во лимена кутија. Најубави за јадење се следниот ден, па доколку можете, воздржете се еден ден.

Фото и рецепт: Снежана Стевановиќ
Според рецепт од mysticcakes.com