Модриот патлиџан им дава посебен вкус на јадењата, особено на оние со месо. Обично се приготвува како закуска, печен на тркалца во комбинација со домати и моцарела, се похува како крцкаво предјадење со сусам, или се готви во комбинација со разновиден зеленчук и месо во познатото јадење наречено „турли тава“.




Малиџаното исто така, не може да се замисли без овој необичен зеленчук. Овојпат пробајте нешто нешто ново, за кое верувам дека ќе ве восхити со својот вкус, а тоа се ролничките од модар патлиџан со мелено месо. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 големи модри патлиџани, 250 г мелено месо, 1 главица кромид со средна големина, 1 пиперка (зелена или црвена по ваш избор), 1 чешне лук, 3 домати (или доматно пире), мешан сув зеленчук по вкус (вегета), сол и црн пипер по вкус, сончогледово масло, околу 100 мл доматен сос и 4 лажици вода за прелевање.




ПОСТАПКА: Модрите патлиџани измијте ги и избришете ги. Потоа отсечете им ги краевите, оној од дршката со зелениот дел и малку од задната страна. Потоа исечете ги долгнавесто на тенки ленти со дебелина од околу 5 мм.




Секоја лентичка премачкјате ја со сончогледово масло со помош на кујнска четка и наросете ја со малку сол. Потоа ставете ги лентичките на тостер и запечете ги по неколку минути додека да заруменат и да омекнат. Ставете ги на страна да се оладат, а во меѓувреме пригответе го филот.




ЗА ФИЛ: во нелеплива тава на умерен оган, ставете 250 г мелено месо да се запржи на малку масло. Динстајте го месото додека да ја промени својата боја и да испари вишокот течност.




Додајте една ситно сечкана главица кромид, промешајте, па додајте ситно сечкана црвена пиперка, едно рендано чешне лук (или ситно сечкано), три домати исечкнани на коцкички, па зачинете со сув зеленчуков зачин, сол и црн пипер, три лажици доматен сос и динстајте уште неколку минути додека да се соединат сите вкусови.




На дното од еден огноотпорен сад рамномерно премачкајте со три лажици доматен сос, па започнете со виткање на ролничките. Врз работна површина ставете една лента модар патлиџан, па на потесниот крај ставете една лажица од филот со мелено месо и свиткајте како ролат.




Вака приготвените ролнички редете ги во огноотпорниот сад, со спојниот дел надолу, една до друга за да останат компактни и да не се отвораат. Во посебен сад ставете четири супени лажици доматен сос и додајте четири супени лажици вода. Промешајте.




Со овој сос рамномерно прелијте ги ролничките одозгора. Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени, околу 25 минути. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.