Рецепт на “Вукица5” – Ролат Солза. Фин, едноставен, декоративен. Идејата за “солза” е моја, а бисквитот и кремот се приготвени според мојот најдраг рецепт за фин и брз ролат. Идеално за итни случаи кога немате многу време.

Потребни состојки за бисквит: 2 жолчки, 1 лажица шеќер, 2 лажици масло, 1 лажица млеко, 1 лажица брашно, 1 лажица густин, 2 лажици какао, ½ кесичка прашок за печиво, 3 белки, 2 лажици шеќер.

Потребни состојки за крем: 250 мл млеко, 1 пудинг со вкус на ванила, 1 жолчка, 2 лажици шеќер, 1 кесичка ванилин шеќер, 100 г путер на собна температура, 50 г чоколадо.

Постапка: најпрво оставете ги јајцата да отстојат на собна температура, а потоа одвојте ги белките од жолчките. Во посебен сад измешајте ги сувите состојки: брашното, густинот, какаото и прашокот за печиво.

Жолчките пенасто изматете ги со една лажица шеќер, додека тој да се растопи и смесата да побели и стане кремаста. Постепено додавајте масло матејќи непрекинато. Потоа во тенок млаз додадете го млекото и продолжете со матење додека сите состојки да се соединат.

Посебно изматете ги белките додека да згуснат, па постепено додавајте две лажици шеќер и матете додека тој да се растопи и да добиете цврст и сјаен снег. Белките додадете ги во темната смеса постепено во три-четири наврати, но овојпат мешајте со лажица со превртување на смесата за да остане пенлива и воздушеста.

Доколку матите со миксер, тогаш користете ја најмалата можна брзина. Плех со димензии приближни на 23х30 см обложете го со хартија за печење, намастен со малку масло за убаво д асе залепи хартијата.

Во него излејте ја смесата, рамномерно рапоредете ја и израмнете. Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени а кога е готов проверете со чепкалка. Печениот бисквит оставете го да се олади.

Пудингот и жолчката разматете ги со малку ладно млеко, а остатокот млеко ставете го на оган заедно со шеќерот. Кога ќе зоврие намалете ја температурата, па излејте ја мешавината со пудингот и мешајте постојано додека да се свари кремот и да згусне. Оставете да се олади со повремено промешување или покријте го со проѕирна фолија.

Путерот претходно омекнат на собна температура пенасто изматете го со миксер додека да стане кремаст, па во него постепено додавајте го изладениот крем и матете додека целосно да се соедини. Одвојте една третина од смесата и помешајте ја со растопено чоколадо.

Од изладениот бисквит отстранете ја хартијата со која се печеше, па повторно ставете го врз неа, за да ја искористите за виткање на ролатот. Започнете го филувањето: кората премачкјате ја со жолтиот фил малку подебело во средината, а кон краевите се потенко. Во средината ставете го темниот фил во облик на валјак.

Преклопете го бисквитот заедно со хартијата за печење, а ивиците лесно притиснете ги и оставете добро да се олади во фрижидер и да се стегне. Потоа украсете го по желба. / Сoolinarika.com