Домашниот шлаг е ултра луксузен, декадентен и вкусен како најдобриот сладолед од ванила. Вистинскиот шлаг не содржи никакви конзерванси, бои ниту адитиви или вештачки вкусови. Овој шлаг е совршен кремаст прелив за десерти и топли пијалаци. Се приготвува многу брзо, за помалку од 10 минути.




Сите знаеме дека сè што е подготвено домашно е многу повкусно, а шлагот е една од најчестите состојки за торти која се купува веќе готова, бидејќи многумина сметаат дека подготвката на домашниот шлаг е многу комплицирана.




Всушност, потребна ви е само една состојка за да подготвите врвен шлаг, но состојките што ќе го додадете во него ја даваат аромата и вкусот на самиот шлаг. Имено, потребна ви е слатка павлака, што всушност е млечен производ добиен со делумно одвојување на мастите од млекото.




Зборот „слатка“ не треба да ве збунува и да наговестува дека дека овој производ е сладок, тој е тука само за да се разликува оваа павлака од киселата која има сосем поинаков вкус и конзистенција. Вистинската „слатка павлака“ има неутрален вкус, но може да се најде и засладена.




Постои и течна – неутрална павлака која се користи само за готвење, но од неа не се приготвува шлаг. Исто така, понекогаш рецептите се неуспешни кога се користи растителна павлака. За да приготвите врвен шлаг, користете само млечна павлака (прочитајте на декларацијата од производот).




СОВЕТ: Имајте во предвид дека волуменот на павлаката при матењето ќе се зголеми двојно, па затоа користете подлабок сад за матење. Исто така, павлаката треба да биде добро изладена, а за побрзо да се формира шлагот, најдобро е садот во кој ќе се мати да го ставите 15 минути во замрзнувач.




РЕЦЕПТ: Самата постапка всушност е многу лесна и едноставна. Истурете ја ладната павлака во ладен сад и започнете да матите со миксерот. За неколку минути матење павлаката ќе започне да се згуснува. Во класичните рецепти се додава шеќер во прав и екстракт од ванила, но доколку сакате уште поубава арома, додајте мед или агаве сируп или некој друг течен засладувач, пишува НМД.




Постојат три фази на матење: Кога павлаката ќе згусне како растопен сладолед на пример, тогаш се додаваат вкусовите како ванила, засладувач, цимет, чоколадо и слично. Во оваа конзистенција шлагот е совршен да се користи како прелив на пити, колачи, сладоледи и слично.




Ако продолжите со матењето, шлагот ќе се згусне повеќе и ќе добиете цврста конзистенција, но доволно мека и пенлива, што би можеле да ја користите за декорација на овошни салати и разни десерти. Кога ќе започнат да се појавуваат траги од маталките на миксерот, треба да се успори брзината, бидејќи матењето е дојдено при крајот.




Штом шлагот стане доволно густ и започнува да се задржува на маталките, прекинете го матењето, бидејќи плагот е готов. Доколку продолжите со матење ќе започнат да се формираат зрнца маснотија и ќе започне процесот за добивање на путер. Овој шлаг е одличен за покривање на торти и да се меша со други креми.