Фото и рецепт: Тања

Потребни состојки за 16 соленки: 7 г сув квасец, 2 лажички шеќер, 50 мл топло млеко, 550 г брашно, 1 лажичка сол, 200 мл топло млеко, 200 мл јогурт, 50 мл масло. За солен прелив: 3 лажици брашно, 3-4 лажички сол, околу 70 мл вода, малку путер за премачкување

Постапка: Во помал сад ставете квасец и шеќер, додадете малку топло млеко и добро промешајте. Оставете го на топло место додека да запени и да се активира.

Во поголем сад ставете посеано брашно, додадете сол, промешајте, во средината направете вдлабнатина, па додадете го активираниот квасец, топлото млеко, маслото и замлачениот јогурт.

Со лажица мешајте додека состојките да се соединат, а потоа месете го тестото неколку минути додека да стане мазно (по потреба додадете уште малку брашно, односно, работната површина малку набрашнете ја). Тестото е помеко од стандардно, но од него може да се формира топка.

Во еден сад ставете малку масло, па со рака или четка размачкајте го и во него префрлете го тестото. Малку премесете го за и тоа да се обложи со масло, па оставете го покриено 15 минути на топло место.

Премесете го тестото внатре во садот (нема потреба да го вадите), повторно покријте го и оставете го да стасува на топло место уште еден час.

Пригответе ја смесата за прелив: измешајте го брашното со солта, па постепено додавајте вода и мешајте. Треба да се добие густа и мазна смеса, погуста од онаа за палачинки.

Два плеха за печење обложете ги со хартија. Рерната загрејте на 200 степени. Тестото извадете го на работна површина, формирајте валјак, па со нож за тесто поделете го на 16 еднакви делови.

Секој дел тенко развлечете го како стапче со должина од околу 35-40 см. Соленките редете ги во плехот, покријте ги со чиста крпа и оставете ги 15 минути.

Потоа ставете ги да се печат во загреана рерна на 200 степени омолу 10-тина минути или додека да заруменат. Извадете ги соленките и “прошарајте” ги со солениот прелив, па вратете ги во рерна уште неколку минути.

Преливот можете да го нанесувате со лажица или да го ставите во кесичка за замрзнување, да отсечете еден врв и со брзи потези да го распоредете врз соленките. Печените соленки брзо премачкајте ги со многу тенок слој путер.