Направете богат ручек со пилешки батачиња кој е многу вкусен и стопати подобар од ресторанскиот, затоа што не се пржат во длабоко масло, а сепак се похувани и крцкави. Како прилог направете печени компиричиња со неколку зачини и сезонска салата од домати и кромид. Ако немавте идеја што да приготвите за следното јадење – на вистинското место сте. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 8 пилешки батаци, сол и црн пипер, 2 чешниња лук, 4 супени лажици соја сос, 4 супени лажици растително масло. Малку путер врз секое парче при печењето. Течна смеса за похување: 1 јајце, 4 супени лажици кисела павлака. Сува смеса за похување: 4 супени лажици лебни трошки, 4 супени лажици брашно, 1 мала лажичка црвен пипер во прав.

ЗА ПРИЛОГ: 6 компири, 2-3 супени лажици растително масло, сол и црн пипер, 1 мала лажичка мешавина од зачински билки, 1 мала лажичка црвен пипер во прав, 1 чешне лук, 50 г рендан пармезан кашкавал. За салата: 1 домат, 1 мала главица црвен кромид, малку свеж копар, 1 мала лажичка сенф, 1-2 мали лажички шеќер, сол, 1 мала лажичка балсамико оцет, маслиново масло

ПОСТАПКА: пилешките батаци измијте ги со ладна вода, а потоа исцедете ги и пребришете ги со хартиена салфетка за да бидат суви. Отстранете ја кожата и пресечете ги напречно од едната страна за да се отворат како цветови. Доколку можете, отстранете го вишокот од косаката за да остане само делот со месото (не мора).

Од двете страни посолете ги и запиперете ги по вкус, додајте им рендани чешниња лук (или притиснати низ преса), соја и масло, па убаво промешајте ги. Оставете ги покриени половина час во фрижидер за да ги впијат вкусовите. За тоа време пригответе го прилогот.

Компирите исечете ги на коцкички, исперете ги со ладна вода и исцедете ги, па додајте го маслото и сите наведени зачини. Добро промешајте ги, па распоредете ги во еден слој во плех обложен со хартија за печење. Ставете ги во загреана рерна на 180 степени и печете ги 30-40 минути или додека да заруменат.

Похување: изматете едно јајце па помешајте го со киселата павлака додека да се изедначи. Во друг сад сипете ги лебните трошки и помешајте ги со брашното и цврениот пипер. Секое парче месо најпрво потопувајте го во течната смеса, а потоа во сувата смеса. Похуваните батаци наредете ги во плех обложен со хартија.

Врз секое парче ставете мало парче путер и одозгора покријте ги со парче хартија, претходно изгужвана низ раце и натопена во вода за да омекне. Печете ги батаците во загреана рерна на 180 степени, 40-45 минути. Послужете ги со печен компир и сезонска салата. Деталите погледнете ги ОВДЕ.