Фото и рецепт: Кристина Гашпар – Медењаци.

Првиот рецепт на Кристина е многу едноставен и вкусен, класичен рецепт за медени колачи. Вториот рецепт кој можете да го прочитате подолу, се приготвува со сок од домати и навистина е многу интересен, евтин и што е најважно колачите се многу вкусни (има и видео презентација).

Потребни состојки:

120 г шеќер
100 мл вода
100 г путер/маргарин
1 кесичка ванилин шеќер
3 полни лажици мед
380 г брашно
½ лажичка прашок за печиво
½ лажичка сода бикарбона
1 лажица зачин за медењаци (или зачин по вкус)

Постапка:

Сварете ја водата заедно со шеќерот (смесата треба да врие 2-3 минути). Тргнете од оган, па додадете путер, ванилин шеќер и мед. Мешајте додека да се растопат состојките и оставете на страна да се олади.

Потоа во еден подлабок сад измешајте ги сувите состојки и додадете ги течните, па сето заедно соединете го. Мешајте со лажица или со жица. Оваа смеса е мека, но откако ќе отстои ќе стане доволна цврста за обликување. Поклопете го садот и оставете го тестото во фрижидер или на ладно место да отстои најмалку еден час.

Потоа обликувајте ги топчињата со величина на помал орев, редете ги во плех обложен со хартија за печење. Медењаците се печат во загреана рерна на 180-200 степени 1/-12 минути. Во текот на печењето прверувајте за да не ги препечете. Треба да бидат румени, но меки на допир. Кога ќе се оладат ќе станат цврсти.

Совет: Се користи меко брашно Т400. Во тестото може да се додаде рендана кора од лимон или портокал.

Евтин и брз рецепт за медењаци кои се приготвуваат со варен сок од домати – рецепт на “Шерпица”.

Потребни состојки:

10 лажици сок од домати
10 лажици шеќер (кафеав)
10 лажици масло
2 лажички цимет (или колку сакате)
1 лажичка сода бикарбона
околу 500-600 г брашно

Постапка:

Добро измешајте ги горенаведените состојки, а на крај во течноста додадете сода бикарбона, па потоа започнете со додавање на брашното. Малку по малку, додека да се формира меко тесто. Прекријте го и оставете го 10-тина минути да отстои во фрижидер.

Може да го развлечете со оклагија и да вадете гругови или модла со разни облици. Или како што е прикажано во видеото, да кинете парчиња од тестото и да правите мали топчиња, малку да ги притиснете со дланките и да ги редите во плех обложен со хартија. Печете ги во загреана рерна на 200 степени околу 20 минути. Може веднаш да се јадат, а можат и долго да стојат. Се чуваат во кутија на суво место. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.