Питата со сирење отсекогаш се подготвувала како симбол за среќа, а домаќинките ја послужуваат за појадок, ручек или вечера. Постојат милион рецепти за домашни пити со сирење, а јас специјално го издвоив овој рецепт за кој ми имаат кажано дека е стар повеќе од 100 години. Оваа пита се подготвува од 3 домашни кори, а е многуслојна. Многу е интересен начинот на превиткување на корите. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 200 мл топло млеко, 200 мл топла вода, 10 г сув квасец (1 кесичка), 570-600 г брашно, 8 г сол, 125 г путер, 100 мл масло, 200 г фета сирење (или урда), 1 жолчка за премачкување.

ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад измешајте ги топлото млеко, топлата вода и квасецот. Оставете квасецот да се активира 2-3 минути, па потоа на неколку наврати започнете да го додавате брашното.




Вкупно, ќе ви бидат потребни 570 до 600 грама брашно, ќе одредите по конзистентноста, како што го замесувате тестото. Додајте ја солта заедно со брашното и мешајте го тестото со лажица или со шпатула. Кога ќе почне да се соединува, прво ќе добие густа конзистентност, но како што ќе се згрутчува од брашното ќе треба да го замесите и со раце.




Замесете фино и меко тесто, нелепливо под прсти, па префрлете го на набрашнета работна површина и замесете го уште малце, додека да ја добиете посакуваната конзистенција. Формирајте топка од тестото. Во садот каде што го замесивте тестото, подмачкајте со малку масло и ставете го тестото и покријте го со крпа, па оставете го тестото да нарасне на топло место 45 минути.




Кога тестото добро ќе нарасне, префрлете го на набрашнета површина и повторно формирајте топка. Поделете го тестото на 3 еднакви делови. Од секое парче тесто обликувајте помали топчиња. Сите три делови од тестото ставете ги на рамна чинија, покријте со проѕирна фолија или крпа и оставете да одморат уште 10 минути.

Растопете 125 г путер со 100 мл масло. Измешајте, па настрана подгответе си 200 г фета сирење и издробете го со виљушка. Наросете ја работната површина со брашно. Земете едно од тестата, ставете го на масата и развлечете го со оклагија во круг со дијаметар од 42 см.




Направете го истото и со останатите две теста, па започнете со редењето. Првата кора подмачкајте ја со масло, испрскајте, па распоредете со четкичка. На истата кора распоредете фета сирење. Одозгора преклопете со втората кора, па со помош на прстите залепете ги краевите на тестата. Повторете ја постапката со премачкување со масло и путер и редење на сирењето.




Истото се повторува и со третата кора, која се премачкува и се реди со сирење. Подмачкувањето на тестата е задолжително, за корите да излезат сочни. Кога ќе ја подготвите и третата кора, направете го следново. Третата кора се превиткува од едната страна до половина и преклопената страна се намастува и се наросува со сирење.




Истото се прави и од другата страна која се допира со паралелната, која ја превиткавте. Потоа, кората се превиткува од горе и од долу, со тоа што не се прескокнува подмачкувањето на корите и редење на сирењето. На средина врз првата и втората кора треба да добиете правоаголник, здиплен како перница.

Врз него, истото се повторува со втората кора, па со првата, додека корите да ги здиплите една врз друга и да добиете совршена перница. Префрлете го тестото на плех, обложен со хартија за печење, покријте со крпа и оставете да нарасне на топло место 30-40 минути. По нараснувањето, питата притиснете ја малку со рацете за да се рашири и да излезе вишокот гасови од неа.

По изминатото време, премачкајте го тестото со жолчка од јајце, па ставете на печење во претходно загреана рерна на 190 °C 20-25 минути. Питата треба да биде златно кафеава. По печењето, покријте ја питата со крпа и оставете да отстои 10 минути, а потоа може да ја послужите. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.