За љубителите на старински колачи со шеќерен сируп. Овој колач има разни називи: нутма, лутма, раванија, рахванија, севдиџан, федер-пита, а сите тие се во суштина исти, а се разликуваат многу малку во состојките. Ако ви се допаѓа пробајте го овој колач.

Потребни состојки: 5 јајца, 12 лажици шеќер, 1 ванилин шеќер, 1 лимон – сок, 12 лажици масло, 12 лажици кисело млеко, 12 лажици брашно, 12 лажици гриз и 1 прашок за печиво. За сируп: 500 г шеќер, 1 ванилин шеќер, 700 мл вода и 1 лимон

За наросување: кокосово брашно и уште ќе ви биде потребен тркалезен калап бр.26. Постапка: Пенасто изматете ги јајцата со шеќер, ванилин шеќер и сок од еден лимон. Брашното, гризот, прашокот за печиво заедно промешајте ги. Во пенасто изматената смеса од јајца и шеќер постепено додавајте масло и кисело млеко.

На крај полека додавајте брашно во кое сте измешале гриз и прашок за печиво. Смесата излејте ја во намастен и со брашно наросен плех или тепсија. Ставете во загреана рерна и печете на умерена температура околу 45 минути.

Печената раванија исечете ја на коцки со величина по ваша желба или како баклава, па прелијте со сварен и изладен сируп.

За сируп: шеќерот, водата и ванилин шеќерот варете ги неколку минути. Ако сакате освежувачки вкус може да додадете и неколку тркалца лимон. Сварениот сируп тргнете го на страна и оставете го да излади.

По желба можете да го наросите со кокосово брашно. Добро изладете го пред послужување. Послужете со кафе или ладна лимонада. Колку подолго стои толку е посочна и подобра. Уживајте во вкусот!