Растурена сарма – за мене ова е уште поубаво јадење од сармата, а поедноставно се приготвува

Фото и рецепт: Снежана Јанкуловска

Според мене ова јадење е повкусно од сармата со месо, а поедноставно е за приготвување. Ова јадење е од оние, што кога следниот ден ќе се подгреат – е уште поубаво!

Потребни состојки:

1 главица кисела зелка
600 г мелено мешано месо
250 г димена сланина
2-3 главици кромид
1 страк праз
1 мала шолја ориз
1 јајце
350 мл млеко
зачини: вегета, сол, црн пипер, ловоров лист, лута пиперка
масло

Постапка:

Киселата зелка се дроби ситно (не мора толку ситно како за салата). Го ставаме во тенџере и прво го динстаме во сопствениот сок, а кога ќе испари течноста додаваме по малку масло и се пржи околу 30-45 минути. Колку зелката е подобро испржена, толку јадењето ќе биде повкусно а печењето пократко.

Во тава со врело масло се пропржува ситно сечкан кромид и праз, се додава меленото месо, па се пржи додека да испари течноста. Се додава сланината исечена на коцкички, а потоа го додаваме сувиот зачин по вкус, црн пипер и лажица толчена лута пиперка (кој не сака луто, не мора), па на крај го додаваме оризот и се промешува за сите состојки да се соединат и уште малку пропржат.

Во земјена тава се става половина од пржената зелка, па ред фил од месо. Врз месото се ставаат 3-4 ловорови листови, па се дотура втората половина од зелката. Во тавата можете да редите повеќе редови, а можете и целата смеса едноставно, само да ја измешате за да се соединат зелката и месото.

Се мати јајцето со млеко и се прелева одозгора. Овој чекор може да се исклучи, но нам вака ни е повкусно.

Се затвора садот со капак или алуминиумска фолија и се става да се пече на 200 степени околу 1 час. Потоа се вади фолијата или капакот, па се допечува уште 30-40 минути на истата температура.

Loading...