Рецепт на Јелена од Бакина Кујна. Пржени пиперки со кромид и домат – совршен летен ручек кој потсетува на летна манџичка. Се подготвува многу брзо и лесно, а состојките веќе ги имате дома.




Потребни состојки: 2 главици кромид, 7 – 8 свежи пиперки (зелени по можност), 2 поголеми домати, масло, сол.. Понекогаш користам 5 – 6 благи пиперки и 2 лути, за да направам убав пикантен вкус. Може да ставите и повеќе лути пиперки, доколку сте љубители на лутиот вкус.




Постапка: Кромидот ситно се сечка и се става да се пропржи на средна температура. На пример, ако ринглата качува температура до 8, вие ставете кромидот да се пржи на 4, не треба ни многу ниска да биде температурата.




Веднаш поклопете со капак и оставете да се динста некое време во малку масло. По пропржување, кога кромидот убаво ќе омекне, но нема да достигне кристализација, исечкајте ги пиперките на кругови и ставете ги и тие да се пропржат заедно со кромидот.




Добро промешајте, така што кромидот ќе биде сега одозгора, а пиперките одоздола за да се пропржат убаво, а кромидот да не загори. Секогаш користете подебели пиперки со повеќе меснат дел отколку тенки.




Повторно поклопете и оставете да динста додека пиперката да омекне. Исечкајте и излупете го доматот, а потоа додајте го во омекнатиот зеленчук малку да се проржи и да го испушти својот сок. Промешајте и поклопете, гответе постојано на иста температура.




Потребно е да испушти сосем малку сок, но сепак да биде сочно. Во меѓувреме, половина од сокот ќе испари. Посолете по вкус и повторно промешајте. Манџичката е готова кога сиот домат ќе го испушти својот сок.




Јадењето може да се комбинира со топло лепче и сиренце, омлет или пак со варен компир кој може отпосле да се додаде во манџичката. Многу е вкусно, а и многу брзо се подготвува.




II РЕЦЕПТ. Пиперки со сирење по сосем поинаков рецепт – толку вкусно, да не знаеш за доста. Рецепт на Бојана од Саце Рецепти. Ако се прашувавте што вкусно да приготвите за ручек, овој рецепт е одлична идеја. Рецептот можеби е постар и од нас самите, но бидејќи е вкусен, сè уште се задржал на нашите трпези.




Потребни состојки: 3 големи пиперки, 200 г сирење, 50 г сланина, 1 јајце, 50 мл кајмак или кисела павлака, 1 лажица сусам, 1 лажица ленено семе, масло по потреба. Бидејќи веќе имам главно јадење, овојпат направив само три пиперки како предјадење, а вие ако сакате зголемете ги количините ако правите повеќе.




Постапка: Пиперките измијте ги убаво и исцедете ги. Исечете ги на половина и исчитете ги од семките. Сирењето во посебен сад издробете го и соединете го со едно јајце. Во смесата додајте еден мал филџан за кафе кајмак или кисела павлака, а по потреба посолете.




Зачинете со по една лажица сусам и лелено семе по вкус, а за да се збогати вкусот додајте и 50 г ситно сечкана сланина или некое друго сувомеснато по ваш избор (шунка, печеница…). Промешајте добро за да се изедначи смесата, па полнете ги пиперките.

Испрскајте со малку масло и ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени околу 20 – 25 минути додека убаво да зарумени. Пиперките можете да ги сервирате како прилог на печено месо, но бидејќи се заситни може да ги послужите и како главно јадење. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.