Рецепт со видео прилог на Том Филос. Од рацете на мајсторот за тесто, погледнете како се плете Козинак со 4 ленти. Вкусот е врвен, а рецептот е одличен. Следете ги сите чекори објаснети од Том, нема да згрешите!

Потребни состојки: 500 г брашно, 50 г шеќер, 10 г сув квасец, 1 лажичка сол, 30 г путер на собна температура, 2 јајца на собна температура и 150 мл вода. За премачкување: 1 жолчка и 2-3 лажици млеко

Постапка: Во просеано брашно ставете 50 г шеќер и 10 г сув квасец. Промешајте па додадете 30 г путер омекнат на собна температура, една лажичка сол, 2 јајца на собна температура и 150 мл малку млака вода.

Од сите состојки замесете убаво мазно и еластично тесто кое не се лепи. Може да го измесите во миксер за тесто или истото да го сторите рачно.

Добиеното тесто формирајте го во топка, малку намастете го, покријте го со проѕирна фолија и оставете го да стасува 45 минути на собна температура. На набрашнета површина истресете го стасаното тесто, премесете го, па поделете го на 4 делови. Од секој дел формирајте топче.

Секое топче сплескајте го со дланката, а потоа со помош на оклагија развлечете кора со правоаголна форма. Кората свиткајте ја како долгнавеста пура, а потоа со помош на дланкуте развлечете долгнавест ваљак. Истото повторете го сите 4 теста.

Сите 4 ленти треба да бидат со иста величина, па соединете ги на еден крај од кој ќе го започнете плетењето. Преклопете ја првата и третата лента, потоа третата и четвртата лента, па четврата и втората лента… Погледнете го видеото за да ви биде појасна постапката на плетењето.

Плетенката ставете ја во плех обложен со хартија, покријте ја и оставете ја да стасува 45 минути на собна температура. Потоа премачкајте ја со една жолчка помешана со 2-3 лажици млеко.

Печете ја во загреана рерна на 200 степени околу 20 минути. Постапката можете да ја погледнете во видеото: