ПРКОС (Portulaca grandiflora) е отпорна градинарска билка која цвета преку цело лето а кога е облачно и темно ги затвора своите венечни ливчиња.
Стариот латински назив датира уште од Плиниј. Според некои автори доаѓа од portula – вратничка, со што се прави алузија на лесно видливите отвори на плодот низ кои излегува семето веднаш по созревањето.
Ги има околу 100 видови, а како цветна култура најчесто се одгледува Portulaca grandiflora Hook. Овој вид потекнува од Јужна Америка каде расте како повеќегодишна билка, додека кај нас се одгледува како едногодишно цвеќе. Стеблото е сочно, месесто, здебелено, со висина од 10-15 см.
Сочните гранчиња се покриени со ситни, цилиндрични, меснати, задебелени листови. Цветовите се поединечни, едноставни или полни, со пречник од 3-5 см, без мирис, во разни бои и нијанси (бела, розова, црвена, виолетова и др.). Цвета многу обилно од јуни до периодот на првите мразови.
Портулака масовно се размножува со семе, додека сортите со полни цветови најчесто се размножуваат вегетативно, со гранчиња. Семето е многу ситно, па така во 1 г има 9 000 – 10 000 семиња, а останува здраво со способност за ‘ртење до 4 години. Семето се сее во март или април во топли леи или во април на постојано место.
Семето никнува доста споро (2-3 седмици). Овој вид поднесува пресадување. Се расадува на растојание од 10-15 см или ако се насејало на постојано место, тогаш се разредува со тоа што се оставаат само најсилните билки.
Додека се сè уште млади со внимателно набљудување се издвојуваат оние со полни цветови (се разликуваат по тоа што имаат кратки, задебелени стебленца, а покрупни листови) од оние со прости цветчиња (потенко стебленце, ситни ливчиња и за исто време израснуваат поголеми).
За тоа треба да се води сметка при расадувањето, односно проретчувањето. Од сеењето до почетокот на цветање поминуваат 60-70 денови. Портулака бара сончево, отворено и топло место, суво и дренажно, топло и средно хранлива земја. Цветовите на прскосот се отвораат на сончево време, додека на облачно време се затворени. Во текот на одгледувањето треба ретко да се полева.
Благодарение на нискиот раст, обилното и продолжено цветање, разнобојноста и разноликоста на цветовите, лесното одгледување, пркосот се вбројува меѓу најценетите летни цвеќиња за создавање на летни теписи, бордури, групи, оформени делови, цветни сандаци и жардиниери.
ПРОЧИТАЈТЕ И: Кога со сигурност можете да знаете дека дошло време да го пресадите цвеќето во поголема саксија?
Растението треба да се пресади тогаш кога ќе се саксијата ќе стане претесна за него, или кога хранливата вредност на земјата ќе се намали до таа мера што повеќе не може да се обнови на поинаков начин, туку само со пресадување – односно, додавање на свежа плодна земја.
Потребата за пресадување може да се забележи кога растението заедно со груменот на земја ќе се извади од саксијата. Ако се забележи дека жилите се потполно обраснати со земја, до тој степен што содржината на саксијата го сочинува само сплет од жили со нешто малку земја на површината, таквото растение треба да се пресади во поголем сад. Растенијата кои излегуваат порано во пролет, порано се пресадуваат од оние кои излегуваат подоцна.
Најдобро време за пресадување на цвеќето е веднаш после прецветувањето или пред да почнат да излегуваат нови гранчиња. Растенијата во момент на цветање не треба да се пресадуваат бидејќи ниедно растение не сака да биде вознемирувано додека цвета.
Кај секое растение во текот на една година постои најжив период од вегетацијата (растењето), после кој следува период на слабо растење или општо мирување. Вегетацијата на цвеќето во соба почнува рано на пролет, па поради тоа најчесто и во тоа време се пресадува.
Растенијата кај кои никогаш не доаѓа до потполно мирување на вегетацијата (на пример, палмите) можат да се пресадуваат во секое време од годината, освен во периодот на цветање.
Некои растенија (традесканција, аспарагус спренгер и други) бараат пресадување во текот на цела година, со што побујно и поубаво растат, додека азалејата, камелијата и орхидејата не бараат често пресадување.
При пресадувањето треба да се внимава растението да биде точно во средина на саксијата и да не се става ни премногу длабоко ни премногу плитко.
Растенијата со луковица се садат поплитко или подлабоко во земјата, во зависност од тоа дали растението развива жилички под или над луковицата. Плитко се сади амарилисот, бегонијата, цикламата, лалето, зумбулот и др.
По пресадувањето растението секогаш убаво се полева, а најдобро е тоа да се направи со фина прскалка, сè додека да потече вода низ отворот на дното на саксијата (секое цвеќе бара добра дренажа). Потоа се става на светло, а по можност и на топло место, заштитено од силно сонце и провев.
Пресаденото растение треба да се ороси со ситен распрскувач. Внимателно полевање кај ова растение треба да се врши сè додека, според неговиот изглед, не се заклучи дека се создадени нови жилички, односно услови за нормален развој.