Рецепт и видео презентација на Кујна Саби Принцес крофни. Нема кој не ги сака принцес крофните, но ретко кој се осмелува да ги направи поради специфичноста на печењето на тестото. Не се разочарувајте доколку претходно некој рецепт не ви успеал – обидете се со овој, следете ја постапката и гарантирано ќе ви успеат.




Потребни состојки: 200 мл вода, 100 мл масло, 150 г остро брашно, 1 лажица шеќер, 1 прстофат сол, 4 цели јајца. За фил: 5 жолчки, 12 лажици шеќер, 120 мл млеко, 3 пудинг од ванила, 1 лажица густин / нишесте / скроб, 700 мл млеко, 3 ќесички ванилин шеќер, 400 мл слатка павлака.




За да го испечете тестото ќе ви биде потребно половина час, а се пече на 200 степени. За да ви успеат принцес крофните, она што е најважно и што треба да го запамтите – е дека рерната не смеете да ја отворате додека тие се печат.




Постапка: Во едно тенџере ставете вода, масло, една лажица шеќер и прстофат сол. Ставете го тенџерето на оган за да зоврие водата. Штом течноста зоврие веднаш намалете ја температурата од најсилна на умерено силна (од 6 на 4). Додајте го брашното и мешајте постојано околу 2 – 3 минути додека да се свари и формира тестото, а притоа да не се појават грутки.




Свареното тесто претурете го во друг сад и оставете го целосно да се излади. За тоа време пригответе го филот: Пет жолчки ставете во длабок сад и додајте 12 лажици шеќер. Добро изматете со електричен миксер додека шеќерот да се растопи и смесата да згусне и избели, а потоа додајте 120 мл млеко.




Во вака изматените жолчки додајте прашок од три ќесички пудинг со вкус на ванила и една лажица густин. Уште еднаш изматете со миксерот додека убаво да се соединат сите состојки, да нема грутчиња. Во друго тенџере ставете 700 мл млеко и додајте 3 ќесички ванилин шеќер.




Ставете на оган, а кога ќе зоврие намалете ја температурата и постепено додавајте ја разматената смеса со пудинг. Додавајте ја во тенок млаз додека постојано мешате со жица за матење. Варете го кремот додека убаво да згусне. Во топлиот пудинг ставете и една лажица путер, промешајте и претурете во друг сад.




Оставете целосно да се олади. Додека го сварите филот, тестото би требало веќе да е изладено. Во него додавајте едно по едно, четири јајца. Кога едното јајце целосно ќе се измати и соедини со тестото, дури тогаш додајте го следното јајце. Тестото треба да биде средно меко и наполнете го во готварски шприц.




Плехот од рерна малку намастете го и обложете го со хартија за печење. Започнете да ги формирате крофничките со величина по ваша желба. Додека ги формирате крофничките, рерната вклучете ја да се загрева на 200 степени. Кога ќе ги завршите, ставете ги во загреаната рерна.




Печете ги 30 – 35 минути и никако не ја отворајте рерната додека тие се печат. За тоа време изматете ја слатката павлака. Во подлабок сад ставете 400 мл слатка павлака и пенасто изматете ја додека да добиете шлаг. Половина од овој шлаг додајте го во изладениот пудинг и изматете за да се соедини во фин, мек крем.




Половината од слатката павлака оставете ја за декорација. Печените крофнички оставете ги на страна да се оладат, а потоа сечете ги (може и да не ги сечете до крај, за полесно да ги затворате) и филувајте ги најпрво со жолтиот крем, а потоа и со шлагот. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.

II РЕЦЕПТ. Принцес крофни кои се топат во уста, нежни и пердувести со крем од пудинг. Фото и рецепт: Андреа А.М.Стојадиновиќ – принцес крофни. Потребни состојки: 100 мл масло, 200 мл вода, 6 лажици остро брашно, 3 јајца.

За фил: 500 мл млеко, 2 ќесички пудинг од ванила, 5 лажици шеќер или по вкус, 125 г маргарин / путер, 50 г шеќер во прав и една ќесичка шлаг. За декорација: шеќер во прав, нутела крем или растопено чоколадо за готвење.

Постапка: Во тенџере на оган ставете 100 мл масло помешано со 200 мл вода. Кога ќе зоврие во смесата додајте 6 лажици остро брашно, па убаво промешајте и соединете во тесто.

Оставете го на страна целосно да се олади, а потоа во смесата додајте 3 јајца, едно по едно матејќи со миксерот приближно по една минута или додека убаво да се впие секое јајце во тестото.

Наполнете го шприцот со смесата, па правете мали крофнички во плех обложен со хартија, на определено растојание, зошто при печењето ќе пораснат. Ставете да се печат во загреана рерна на 200 степени околу 30 минути и притоа не смее да се отвора вратата од рерната (за да не спласнат).

За фил: Во малку млеко растворете го прашокот од пудингот, а остатокот со шеќерот ставете го на оган. Кога ќе зоврие млекото намалете ја температурата, па во него постепено додајте го растворениот пудинг и постојано мешајте додека да се зусне.

Оставете го пудингот настрана додека целосно да се олади. На страна пенасто изматете го омекнатиот путер на собна температура заедно со шеќерот во прав. Додека матите постепено, лажица по лажица додавајте го изладениот пудинг додека целосно да се соединат во нежен крем.

На страна изматете еден шлаг според упатството. Печените и изладени крофнички пресечете ги на половина, ставете малку од филот, па шлаг, затворете ги и одозгора декорирајте ги со топено чоколадо или шеќер во прав… Фото и рецепт: Андреа А.М.Стојадиновиќ.