Превкусна освежителна салата која може да замени дури и оброк. Задолжителна е за празниците како ладно предјадење, а совршено си одговара со домашни кифлички. Рецептот и видео презентацијата е на “Неодоливи Вкусови” – Кремаста пилешка салата со сусам.

Фантастична и неодоливо вкусна. Оваа превкусна салата може да се јаде и сама, а совршена е и како додаток на сите јадења, особено на некое печено месо. Погодна е за сите пригоди, ја правам доста често и сите ја обожуваме. Фантазија од салата.

Потребни состојки: малку масло за да се пропржи сусамот, 150 г сусам, 750 г пилешко бело месо (пилешки гради), зеленчукова коцка за супа (коцката е за 500 мл вода), 200 г корнишони (кисели краставички од тегла), 200 г мајонез, 400 г кисела павлака (или грчки, густ јогурт), ½ лажичка сол, ¼ лажичка црн пипер.

Постапка: Во нелеплива тава загрејте малку масло и ставете 150 г сусам. Запржете го сусамот неколку минути со постојано мешање додека малку да пожолти и убаво да замириса. Пржениот сусам претурете го во посебен сад и оставете го целосно да се олади.

За тоа време во тенџере со вода сварете го пилешкото месо заедно со коцка за супа (течноста што ќе ви остане можете да ја искористите за да си сварите вкусна зеленчукова супа). Исцедете го месото, оставете малку да подизлади, а потоа ситно исечкајте го.

Оставете целосно да се олади пред да го измешате со другите состојки. Киселите краставички исто така, ситно исечкајте ги на ситни коцкички и додадете ги во сечканото месо. Потоа додадете 200 г мајонез и 400 г кисела павлака. На крај додадете го пржениот и оладен сусам.

Зачинете со половина лажичка сол и малку црн пипер по вкус и добро промешајте ја содржината. Откако убаво ќе ги промешате состојките за да се изедначат, вкусете и по потреба дозачинете. Салатата сервирајте ја во длабоки чинии и украсете со сечкани краставички или по желба, а одозгора наросете сусам. Изладете добро пред послужување. Сите детали можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.

Втор рецепт -Кремаста пилешка салата со кикирики – Многу вкусна салата или оброк со пилешко месо. Рецепт и видео презентација на “Да готвиме лесно” – пилешка салата со кикирики. Доколку не сте ја пробале досега оваа салата, топло ви ја препорачуваме.

Кикириките во овој кремаст сос со пилешко месо – совршено си одговараат! Салатата е заситна, па може да се полужи и како оброк. Убаво изгледа, брзо се прави – совршенство од салата. Пробајте, нема да се покаете. за да ја приготвите оваа салата ќе ви бидат потребни 400 г пилешко бело месо.

Други потребни состојки: 300 г кисела павлака со масленост 20%, 200 г мајонез, црн пипер по вкус, 50 г пропржен сусам, 200 г солено мелено кикирики или пропржено кикирики. Постапка: Најпрво 400 г пилешко месо сварете го вода со малку сол. Потоа исцедете го и оставете го да излади.

Потоа колку што можете поситно исечкајте го. Во подлабок сад ставете 300 г кисела павлака со мм 20% и 200 г мајонез. Зачинете со црн пипер по желба и вкус. Добро промешајте додека да добиете изедначен крем. Сусамот пропржете го сува тава колку да замириса и малку да пожолти.

Оставете да се олади па додадете го мешавината од павлака и мајонез. Кикириките купете ги солени и печени, а доколку се сирови, исто така, испечете ги во рерна и посолете ги. Потоа солемелете ги и додадете го претходната мешавина. Измешајте убаво додека да се изедначат и соединат состојките.

Додадете го месото и повторно промешајте. Вкусете дали е доволно солено и по потреба додадете зачини. Декорирајте по желба. Салатата може да се послужи ладна директно од фрижидер, како предјадење, мезе, како прилог, па дури и како главно јадење. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете ОВДЕ.