Фото и рецепт: Аница Рајчановска

Потребни состојки и начин на постапка:

100 г наут, непечени леблебии се толчат и се попаруваат со врела вода. Се додава малку шеќер и малку босилек.

Садот или тегличката со наут се остава во друг сад полно со брашно за да ја чува топлината, па се остава на топло убаво завиткано околу 10 часа. Затоа најубаво е ова да го направите одвечер.

Откако ќе стаса како квасец, се става во брашното и се меси со врела вода. Се додава прстофат сол, се завиткува и повторно се остава на топло да стаса.

Откако ќе стаса, се префрла во поголем сад со брашно 2-3 кг, колку сакате. Порано стававме 10 кг кога месевме во фурна.

Повторно замесувате до врела вода ама го месите набрзина и не многу време како за леб, туку помалку, зошто не смее да олади.

Повторно се остава на топло околу 2-3 часа и се размесува во тепсии, па се остава повторно да кисни. Просторијата треба да ви биде многу топла.

Одозгора погачите се мачкаат со јајце и се наросуваат со сусам.

Малку потешко се прават, но затоа се превкусни, наследено од старите.

Порано се верувало дека кога се замесува мајата не треба никој да знае, па ако ненадејно ви дошле гости и тие ве прашаат зошто толку ви е топло, вие им велите дека имате бебе, па тие индиректно знаеле дека ја месите погачата.

Фото и рецепт: Аница Рајчановска