Рецепт и видео презентација на Ана од Гала Фуд (Gala Food) – Сечен ролат со шунка – Предобра пита која треба да ја испробате. Многу лесно и едноставно се приготвува, па кога и да ви притреба, можете брзо да ја приготвите за појадок, вечера или ручек, зошто да не.

Потребни состојки за активирање на квасецот: 300 мл млако млеко, 1 кесичка сув квасец, 1 лажичка шеќер, 3 лажици брашно. За тесто: претходно активираниот квасец, 1 јајце, 50 мл масло за готвење, 1 кафена лажичка прашок за печиво и 1 кафена лажичка сол и 600-700 г брашно. За фил: 100 г кисела павлака и 200 г сечена шунка

Постапка: Во подлабок сад ставете 300 мл млако млеко, 1 кесичка сув квасец, 1 лажичка шеќер, 3 лажици брашно. Добро промешајте за да добиете изедначена смеса без грутчиња. Вака разматениот квасец оставете го на топло 15-тина минути за да се активира и запени.

Во стасаниот квасец додајте 1 јајце, 50 мл масло за готвење, 1 кафена лажичка прашок за печиво и 1 кафена лажичка сол. Добро измешајте додека да добиете изедначена хомогена смеса. На крај останува уште постепено да го додадете брашното.

Вкупно ќе ви биде потребно 600-700 г брашно, а тоа најмногу зависи од самото брашно колку ќе впие влага. Затоа во смесата додавајте го постепено, по неколку лажици и промешувајте со лажицата додека да добиете густо тесто. Тестото истресете го врз обилно набрашнета работна површина и домесете го.

Потребно е да го месите доволно долго додека тоа да стане еластилчно, мазно и да не се лепи на раце. Од измесеното тесто формирајте топка и оставете го покриено во сад да стасува половина час на собна температура или на топло место, додека да го удвои својот волумен.

Откако ќе стаса, тестото истресете го на работна површина и со помош на оклагија развлечете го во голема правоалгеста кора. Затоа ќе ви биде потребен поголем простор, па доколку го немате, едноставно тестото поделете го на два или три еднакви делови, па следната постапка која ќе ја објасниме, ќе важи за секој дел.

Откако ќе ја развлечете кората, потсечете ги краевите ако се направилни за да добиете рамни страни. Преку цела површина премачкајте ја кората со 100 г кисела павлака. Врз павлаката наредете тенко исечени листови од шунка. Кој сака, може одозгора да нароси и малку црвена толчена лута пиперка.

Потоа внимателно започнете да го виткате ролатот. Започнете од подолгата страна, па полека свиткајте ја филуваната кора во ролна, нежно притискајќи за да се залепи тестото. Ролатот ставете го во плех обложен со хартија за печење. Веднаш исечете го на парчиња со широчина од приближно 2 см.

Парчињата не ги сечете докрај, туку доволно за да можете да ги одвојувате од соседните парчиња. Првото парче придвижете го десната страна, а следното до него кон левата страна. На овој начин распоредете ги сите останати парчиња (едно кон лево, друго кон десно).

Откако вака ќе го приготвите исечениот ролат, ќе добиете изглед на скалеста зграда, според архитектонскиот постмодернистички стил. „Зградата“ премачкјате ја со една разматена жолчка од јајце и по желба наросете со сусам, ленено семе, ким или семки по ваша желба.

Вака приготвеното печиво ставете да се пече во претходно добро загреана рерна на 200 степени околу 20-тина минути или додека убаво да зарумени (во зависност од тоа како ви пече рерната). Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.