На сопругот и на син ми им се омилени, па кога и да ми побараат, јас вака им ги приготвувам. Обично во презлата додавам и сусам, но овојпат немав, па ги направив само со лебни трошки и малку брашно.

Потребни состојки: 4 парчиња пилешко бело месо, зачини: сол, црн пипер, сув зачин, 100-150 г лебни трошки, 2-3 лажици брашно, 100 мл јогурт или млеко, 150 мл вода, 6-7 лажици брашно, 1 јајце, ½ лажиче сол, 2-3 лажици масло и масло за пржење

Постапка: пилешкото месо исечете го на тенки ленти, колку подолги, толку подобро. Зачинете ги по вкус со црн пипер и сол, а може да додадете и сув зачин.

Направете смеса слична како за палачинки, но малку погуста од брашно, јогурт, вода, масло, јајце и малку сол.

Натопете го месото во течноста и убаво измешајте за да се впие. Оставете да одмори 5 минути.

Потоа секоја лента месо во виљушка вадете ја од смесата и ставајте ја во мешавина од лебни трошки каде сте додале малку брашно, а може и сусам. Одозгора наросете ги со уште малку презла, извалкајте ги добро и редете ги во друг сад. Кога сите парчиња ќе ги извалкате, ставете ги во замрзнувач околу 10-15 минути за да стегнат.

Потоа пржете ги во умерено загреано масло, може и посилно (во текот на пржењето намалувајте или засилувајте по потреба), убаво од двете страни додека да добијат златна боја.

Можете да ги послужите со сос направен од мед и сенф во однос 1:1 или по вкус.