Сите знаете како се прави лиснатото тесто, односно дека секоја кора се премачкува со слој од маргарин/маст или путер, се редат една врз друга и целиот куп од мачкани кори отстојува во фрижидер.




Овојпат открив нов метод кој веднаш го испробав и се воодушевив. Направив слатки кроасани кои пораснаа како пуфки, однадвор крцкави, а внатре меки како памук. Постапката е слична како за класичното лиснато тесто, но многу поедноставена. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 200 мл млако/топло млеко, 1 кесичка сув квасец (8 г), околу 800 г брашно за средно меко тесто, 1 јајце, 200 мл вода, 100 мл сончогледово масло, 150 г црно чоколадо за фил, 30 г снегулки од бадем (може сечкани бадеми, лешници, ореви), шеќер во прав за наросување




ПОСТАПКА (за 8 големи кроасани кои ги печев во плех 25х35 см): Во еден помал сад ставете 200 мл млако млеко и додајте 8 г квасец и прстофат шеќер, па добро изматете ги состојките, покријте и оставете на топло да се активира квасецот околу 15-тина минути.




Во активираниот квасец додајте едно цело јајце кое претходно отстојало на собна температура, изматете со маталка додека да се соедини убаво, па додајте 200 мл вода на собна температура, па започнете постепено да го додавате брашното.




Можеби вкупно ќе ви биде потребно околу 800 г брашно, но можеби и помалку, па затоа е важно брашното да се додава постепено. Најпрво мешајте со лажица или шпатула, па кога тестото ќе згусне продолжете го месењето со рака.




Треба да добиете средно меко, еластично тесто кое не се лепи за рака. Покријте го и оставете го на топло место без провев, да ферментира околу 40-тина минути или додека да го удвои својот волумен.




Стасаното тесто истресете го врз набрашнета површина, малку наросете го со брашно одозгора и со прстите развлечете го во една дебела кора. Потоа поделете го на 8 триаголничиња. Може и поинаку да го поделите тестото, но мене овој начин ми е најлесен. Претходно не треба да се премесува.




Од секое триаголниче формирајте топче. Топчињата наредете ги во некоја чинија, покријте ги со кеса и оставете ги во фрижидер да одморат половина час. Во еден висок сад ставете 100 мл масло за готвење, па со помош на рачен блендер измиксајте го неколку минути додека да побели како млеко.




Секое топче развлечете го со оклагија во кора со величина од голема чинија. Кората ставете ја во чинија и преку цела површина премачкјате ја кората со густото изматени масло. Корите редете ги една врз друга и помеѓу премачкувајте ги, освен последната. Вака наредени завиткајте ги во стреч фолија и оставете ги во фрижидер три часа.




Потоа на малку набрашнета површина развлечете една голема кора (тркалезна или правоаголна). Можете да ја сечете на триаголници, но јас повеќе ги сакам правоаглестите кроасани. Кората развлечете ја правоаголно, а неправилните ивици отсечете ги. Исечете 8 правоаголници, филувајте со тенко стапче чоколадо и свиткајте.

Кроасаните наредете ги во плех обложен со хартија и премачкјате ги со изматено јајце. Одозгора наросете ги со бадемови снегулки и ставете да се печат во загреана рерна на 180 степени околу половина час или додека да заруменат. По желба наросете ги кроасаните со шеќер во прав. Деталите погледнете ги ОВДЕ.