Во последно време кај нас хумусот и фалафел станаа доста познати, но дали знаевте дека од водата во која сте вареле наут (или попознат како леблебија) може да се направи извонредна замена за снег од белки.

Aquafaba е токму тоа, вода во која се вареле мешунки, а за да се добие цврст снег ист онаков каков што се добива од белки од јајце, најдобро се покажал наутот.

Може да се употреби и водата од купечки конзерви или теглички со леблебија, но не е никаков проблем оваа вода да се направи и дома.

Потребни состојки:

1,5 шолја сиров наут/леблебија
4 шолји вода

Постапка:

Зрната измијте ги под млаз ладна вода, а потоа ставете ги во некој сад и прелијте ги со вода. Оставете ги преку цела ноќ да набубрат.

Следниот ден проверете дали зрната се покриени со вода, а ако не се, тогаш долејте уште малку, па ставете ги на оган. После половина час би требало да бидат варени.

За да проверите дали се варени, пробајте, треба да бидат меки. Варените леблебии процедете ги, а водата сочувајте ја. Кога малку ќе излади, измерете колку вода имате.

За да може аквафабата убаво да се измати во снег, таа треба да биде со права конзистенција, значи ниту премногу густа, ниту премногу ретка. Би требало после варењето да ви остане околу ¾ или максимум 1 шолја течност.

Доколку ви останало повеќе вода, вратете ја во леблебиите и доварете ги уште малку. Доколку има помалку од ¾ шолја, тогаш додадете уште малку вода и повторно ставете да зоврие.

И тоа е тоа. Процедете ја аквафабата и користете ја наместо белка кога ви е потребен снег. Може да правите целувки/пуслици, разни кремови, колачи, па дури и мајонез.

Потребни состојки за пуслици:

6 лажици аквафаба
150 г шеќер
1 лажичка оцет
2-3 капки природно масло од портокал за вкус – не е задолжително

Постапка:

Аквафабата се мати со миксер пенасто, се додава оцетот и постепено шеќерот. Се мати додека да се добие цврста пена, иста како кога правиме обични пуслици.

Смесата се истискува со шприц или целувките се вадат со лажичка, се ставаат на плех обложен со хартија и се сушат во рерна загреана на 100 степени околу 1,5 час или во зависност од големината на пуслиците.

Секако, пуслиците можете да ги правите и по некој ваш рецепт. Она што е важно да се запази, е дека 3 лажици аквафаба заменуваат една белка од јајце. Кога ќе се измати снегот, во него може да се додаде нескафе, какао или било што друго прашкасто. Исто така, аквафабата може да се замрзнува, па да се одмрзнува по потреба, а тогаш дури и поубаво се мати отколку кога е свежа.

Во видеата ОВДЕ и ОВДЕ можете да погледнете како се приготвува аквафаба и како се прават посни целувки. Повеќе може да дознаете на јутјуб каналот доколку пребарате “aquafaba”.