Во секое време може да замесите обично тесто како за леб, да го развлечете во кора како за пица, да го исечете на стапчиња како фурнаринки и одозгора да ги наросите со вкусни зачини кои ќе се впијат при печењето.
Овојпат, ќе ви претставиме рецепт за интегрални, посни солени стапчиња со семки. Многу се вкусни и брзо се прават. „Рецептот ми го даде стара пријателка пред неколку години, а оттогаш не сум купила чипс или смоки за децата“, вели авторката на рецептот.
Покрај тоа што се здрави, нема потреба да се грицка друга процесирана храна. Ги јадеме додека гледаме филм, или во текот на денот за заситување. Може да ги комбинирате со различни семки и да користите различни зачини, за вкус, некои ги сакаат пикантни, некои само солени.
Покрај тоа, многу се вкусни и крцкави, а од оваа смеса ќе добиете 2 полни плеха солени стапчиња. Можат да стојат долго на собна температура, но сите ќе се изедат уште првиот ден. Одлично се комбинираат со кафе. Eве што ви е потребно за да ги направите:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 100 г ленено семе, 100 г сусам, 150 г семки од тиква, 100 г овесни снегулки, 350 г брашно, 1 ќесичка прашок за печиво, 1 лажичка сол, 100 мл масло, 200 мл вода.
ПОСТАПКА: Во подлабок сад се мешаат сите суви состојки. Прво го ставам брашното, па ги додавам семките од тиква, лененото семе (не мелено, туку цело зрно), потоа го додавам сусамот. Сусамот не мора да е претходно испечен, бидејќи после сè се пече заедно.
Се додаваат овесните снегулки, па се преоѓа на другите суви состојки. Според мене, овие кекси имаат доста семки во нив, кои изобилуваат со нутриенти, така што нема потреба од додавање на повеќе, но сепак изборот е ваш.
Додајте 1 ќесичка прашок за печиво (10 г) и една рамна лажичка сол. Малку се промешува, па се додава водата и маслото. Ова е најтешкиот дел бидејќи тестото малку потешко се формира, а најдобро е тоа да го правите со раце.
Се меша додека да се соединат сите состојки, а брашното да не формира груки и да не остане повеќе на едно место. Кога ќе го формирате тестото, набрашнете ја работната површина, па размесете и развлечете го тестото. Не треба да додавате многу брашно бидејќи смесата е доста масна и нема да лепи самото тесто.
Размесете го тестото малку со раце, па развлечете го со оклагија. Важно е да го развлечете одокативно подеднакво, отприлика 1 цм во дебелина. Развлечете правоаголно тесто, подеднакво рамно за при сечењето сите стапчиња да ви излезат исти.
Сечете по желба, јас сечам вертикално за да не ги прекршувам семките, а големината останува на вас. Тестото лесно се сече бидејќи е доста лесно и масно, така што не лепи на ножот.
Вклучете ја рерната на 220 степени да се загрее, а плехот обложете го со хартија за печење. Кога рерната ќе се загрее, ставете да се печат солените стапчиња околу 25 минути, додека да заруменат. Потребно е стапчињата малку да ги оделите едно од друго при печењето.
Додека првиот плех се пече, јас ја подготвувам втората половина за вториот плех. Може да ги јадете за време на посните денови, во секое време од годината, а покрај тоа се многу лесни и едноставни за подготовка. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.