Здраво, сакам да ви претставам еден домаќински рецепт кој просто ќе го обожавате поради неговиот убав вкус. Како што почна Богородичниот пост, треба да се вратиме на посните рецепти, кои и те како можат да бидат многу вкусни, ако знаете како да ги направите.




Деновите на пост за некои луѓе се голем проблем, бидејќи немаат никаква идеја за некое вкусно јадење кое ќе им се допадне на сите. Ова вкусно и сочно јадење верувам дека нема да го одбиете. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 600 г компири, 2 главици кромид, 4-5 црвени пиперки, 150 мл сос од домати, 150 г сојни снегулки (месо), како и сол, вегета, црн пипер, маслиново масло.




ПОСТАПКА: Компирите излупете ги и измијте ги неколку пати под млаз вода. Исто така, може да ги оставите и 1 час да се ,,киснат” во вода. Потоа, добро исушете ги и исечете ги на тенки листови. Во меѓувреме, сојните снегулки потопете ги во вода (тоа може да го направите и претходно неколку часа).




Кромидот исечкајте го на ситни коцки, потоа во тавче ставете малку масло и кога маслото ќе се загрее додајте го кромидот, па почекајте да почне да омекнува, на тивко. Пиперките (кои јас ги искористив од зимницата, а може да користите и свежа пиперка) исечкајте ги на ситни парчиња, да ви бидат подготвени за подоцна.




Доматниот сос додајте го во испржениот кромид и промешајте, па оставете смесата уште да крчка. Кога кромидот ќе се испржи до половина, се додаваат пиперките и се продолжува уште малку со готвење.




Потоа додајте ги сојните снегулки, измешајте, па додајте зачини по ваш вкус. Посолете со сол, црвена зачинска пиперка, црн пипер, вегета… Измешајте ги состојките и соединете ја целата смеса. После додавање на сојните снегулки, смесата се пржи уште 4-5 минути, додека и зачините се измешаат.




Во меѓувреме, во огноотпорен сад, намастете со малку масло, па одозгора наредете еден ред со листовите компир кои првично ги исековте. Потоа излејте ја целата смеса која ја пржевте, па на крајот завршете со уште еден ред компири.




Ако сакате целата мусака да изгледа поинтересно, може смесата да ја поделите на повеќе делови и да редите, ред смеса, ред компири… но може и сè заедно, како што направив јас. Мусаката одозгора прелијте ја со вода бидејќи е посна (да се прелие и горниот слој компир).




Во 2-3 лажици масло измешајте црвена зачинска пиперка или чили и излејте преку мусаката, за да не изгори и да фати убава коричка. Мусаката печете ја во претходно загреана рерна на 200 степени, околу 30 минути. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.