Го испробав рецептот на Верица Николиќ и бев воодушевена, не само јас туку и сите членови на семејството, дури и оние кои не постат.

Плескавиците се толку многу вкусни што можат да се споредат со оние месните, а според мене се дури и повкусни. Може да се јадат така со салата, да се послужат со компир пире или пак да се направи сендвич. Еве што ви е потребно:

Посни плескавици: Верица Николиќ

РЕЦЕПТ 1: ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 400 г црвена леќа, 160 г кромид, 3 мали лажички сув зеленчуков зачин (вегета), 2 мали лажички димена алева пиперка во прав, 1 мала лажичка лук во прав, 1 лажичка куркума, 1 лажичка оригано, 1 супена лажица кечап, 1 лажица сенф, 70 г интегрално пченично брашно

РЕЦЕПТ 2: ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 400 г пченични или јачменови снегулки, 280 г кромид, 4-6 чешниња лук, 1 мала лажичка црвен лут пипер, 1 голема лажица црвен благ пипер, 1 голема лажица магдонос, сол и мелен црн пипер по вкус, 1 голема лажица маслиново масло, 1 лажица обично масло

ПОСТАПКА за рецепт 1: леќата не треба да се вари. Измијте ја и ставете ја во некој подлабок сад па прелијте ја со зовриена вода, да биде целата прекриена за да може да набубри. Покријте го садот со капак и оставете ја вака преку цела ноќ.

Посни плескавици: Верица Николиќ

Следниот ден процедете ја низ цедалка од вишокот вода, па ставете ја во блендер и изблендирајте ја (може и со рачен блендер). Мелената леќа ставете ја длабок сад, па додајте ситно сечкан (или мелен) кромид.

Посни плескавици: Верица Николиќ

Зачинете со сите наведени состојки (а доколку не можете да најдете димен црвен пипер, тогаш ставете обичен црвен пипер во прав). Со рака добро измесете ја смесата за да се распоредат сите состојки.

Поклопете и оставете ја смесата во фрижидер да се стегне, еден час. Во тава со нелепливо дно ставете масло да се загрее на умерена температура. Извадете го садот од фрижидер, па црпете со лажица од смесата и обликувајте плескавици.

Спуштајте ги во загреаното масло и пржете ги на умерена температура. Кога ќе зарумени долната страна, со помош на две виљушки полека превртете ги и пржете ги уште неколку минути додека да зарумени и другата страна.

Вадете ги врз чинија обложена со хартиена салветка. Еве ја постапката и за вториот рецепт:

ПОСТАПКА за рецепт 2: Сварете ги снегулките во врела вода, 2-3 минути, па процедете ги од вишокот течност и оставете да се оладат.

Кромидот ситно исечкајте го или сомелете го, па ставете го на оган со една лажица масло, да се пропржи додека да испари од него течноста.

Додајте го во процедените житарици и зачинете со наведените зачини или по желба, ситн о сечкан магдонос и рендан лук (или истиснат низ преса). Смесата измесете ја со раце за да можат убаво да се распоредат сите состојки.

Ова е добро да се направи додека снегулките се сè уште топли, бидејќи тогаш поубаво се замесуваат.

Доколку варите цела пченица или некоја друга житарица, тогаш најдобро е да ја сомелете машински или во блендер. По желба може да додадете и мелен сусам.

При месењето, во смесата додајте една супена лажица маслиново масло за подобро „да се врзе“.

Доколку случајно смесата ви излезе повеќе влажна, тогаш додајте малку лебни трошки до посакуваната густина. Со намастени раце обликувајте плескавици или ќебапи, па пржете ги во умерено загреано масло или печете ги во рерна.