Домашните уштипци или мекици се многу вкусни, а се приготвуваат без јајца и млеко, па доколку постите може да ви бидат одличен појадок или вечера.
За сите кои не постат, под овој рецепт имаме уште еден, за одлични мекици, брзи и едноставни, а што е најважно, извонредно вкусни.
РЕЦЕПТ ЗА ПОСНИ МЕКИЦИ. Со брашно, вода и квасец ќе добиете вкусен оброк или десерт, во зависност од тоа дали ќе одлучите да ги наросите со шеќер во прав или да ги премачкате со мед или џем.
А може да ги јадете и со ајвар, сирење, јогурт…затоа што имаат неутрален вкус.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 400 г брашно, 250 мл млака вода, 20 г свеж квасец (половина коцка свеж квасец), 1 рамна лажичка шеќер, 1 рамна лажичка сол и масло за пржење
ПОСТАПКА: Квасецот издробете го во 250 мл млака вода, додајте лажичка шеќер и добро промешајте за да се раствори.
Во подлабок сад ставете го брашното, направете вдлабнување па во него ставете го растворот со квасецот и оставете 10-тина минути за да се активира.
Солта наросете ја во брашното, на страна (не во квасецот, за да не го стопира активирањето). Потоа замесете го тестото кое треба да биде меко и да се одвојува од страните на садот (малку лепливо за рака).
Месете го тестото без многу притискање, за да може да се наполни со воздух (погледни видео).
Потоа покријте го со проѕирна фолија и оставете го на топло да стасува околу половина час додека да се удвои.
Стасаното тесто истресете го на добро набрашнета работна површина и премесете го малку.
Потоа со помош на оклагија развлечете го во кора со дебелина од приближно 5 мм, сечете правоаголници (оваа форма најмногу одговара, бидејќи најбрзо и најубаво се пржат).
Исечените правоаголници покријте ги со памучна крпа и оставете ги да одморат 10 минути. Потоа пржете ги во умерено загреано масло. Спуштајте ги во маслото со страната која била нагоре.
Кога ќе заруменат од двете страни вадете ги во чинија со хартиена салветка за да се впие вишокот маснотија. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ. Еве го рецептот за мекиците со јајца и кисело млеко:
РЕЦЕПТ ЗА МЕКИЦИ СО ЈАЈЦА. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 10 г сув квасец (1 кесичка), 1 мала лажичка шеќер, 200 мл млака вода, 2 јајца, 5 супени лажици кисело млеко, 500 г брашно, 2 мали лажички сол.
Јајцата и киселото млеко потребно е да отстојат на собна температура (да не се ладни, директно извадени од фрижидер).
ПОСТАПКА: Во подлабок сад за месење активирајте го квасецот: измешајте го со една лажичка шеќер и 200 мл млака вода, па оставете го на топло да отстои 10-тина минути додека да запени.
Потоа додајте две јајца и пет супени лажици кисело млеко (на собна температура). Промешајте добро со жица-маталка додека да се изедначат состојките.
Потоа започнете постепено да го додавате брашното и мешајте со лажица или шпатула додека да се впијат течностите. на крај додајте го остатокот од брашното и замесете го тестото со рака. Треба да биде меко и мазно. Покријте го и оставете го на собна температура да стасува еден час.
Стасаното тесто е доста меко и малку лепливо, па со помош на намастени раце малку премесете го, па кинете парчиња и фирмирате мали топчиња кои ќе ги оставате во добро намастен сад.
Оставете ги да одморат додека се загрева длабокото масло на умерена температура.
Потоа, со намастени дланки секое топче малку развлекувајте го низ прстите, па мекицата спуштајте ја во врелото масло. Пржете од двете страни по неколку минути додека убаво да зарумени. Вадете ги врз чинија обложена со хартиена салветка.