Фото и рецепт: Весна Несовановиќ

Потребни состојки: 500 г остро брашно, 200 мл масло, 200 мл пиво, малку сол, ½ прашок за печиво. И уште: 100 г остро брашно и 150 г мармалад за филување

За сируп: 300 г шеќер, 200 мл вода, 1 лимон – сок. За наросување: 150 г мелени ореви и 3 лажици шеќер

Постапка: Брашното измешајте го со прашокот за печиво и просејте ги во сад за матење. Додадете сол, масло и пиво, ма со миксер со маталки за тесто добро изматете го тестото (или измесете го рачно).

Тестото префрлете го на набрашнета површина и со раце добро измесете го да стане еластично. Тестото поделете го на 4 топки. Јас добив тесто со вкупна тежина од 900 г и го поделив на топки од по 225 г.

Земете една топка и развлечете ја во круг околу 25 см и пресечете го на 16 триаголници. На секој триаголник ставете мала лажичка мармалад и виткајте го кифличка.

Тепсијата од рерна намастете ја со маргарин и густо редете ги кифлите во 7 редови по 9 парчиња во ред и уште една ставете каде ќе најдете место. Постапката повторете ја и со другите 3 топки тесто. Од оваа количина излегуваат 64 кифлички.

Печете ги во претходно загреана рерна на 170 степени (рерна со вентилатор – вклучен долниот греач и вентилатор) и печете ги 20 минути со повремено вртење на тепсијата.

Додека се печат кифличките направете го сирупот од шеќер, вода и лимонов сок, кој треба да се вари на средна температура околу 20 минути со мешање.

Тепсијата со печените кифлички извадете ја од рерната и прелијте ги со приготвениот сируп, така да сите бидат убаво прелиени.

После 10 минути свртете ги кифличките за да може и горната страна да впие од дирупот. Оставете ги така да отстојат околу 20 минути.

Мелените ореви измешајте ги со кристален шеќер и во чинија ставете по 2-3 лажици од таа мешавина. Накосете ја тепсијата на една страна за да се слее сирупот, па секоја кифличка повлечете ја од сите страни низ сирупот. Кога добро ќе се натопи, кифличката валкајте ја во мешавината од мелените ореви и кристал шеќерот. Редете ги на тацна за послужување.