За да го направите овој колач ќе ви бидат потребни состојки кои веќе ги имате во кујната. Не ви е потребен миксер за матење, само една чаша за мерење на состојките. Одличен колач за попладневно кафенце, многу брзо се прави: додека ја загревате рерната, смесата е готова.

Печениот колач можете да го јадете веднаш додека е топол, или пак, да почекате да се олади и да го наросите со шеќер во прав, но, можете исто така, да го залиете со сируп или чоколадна глазура. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (се мери со чаша од 200 мл): 4 чаши брашно, 2 чаши шеќер, 1 чаша масло за готвење, 1 кесичка прашок за печиво (10 г), 2.5 чаши газирана вода (500 мл), 2 супени лажици какао во прав, 2 кесички ванилин шеќер (20 г) или 1 лажица екстракт од ванила




ПОСТАПКА: Веднаш на самиот почеток вклучете ја рерната да се загрева на 180 степени. Во подлабок сад просејте четири чаши меко брашно и една кесичка прашок за печиво. Со истата чаша измерете две чаши шеќер и сипете ги во брашното.




Во сувите состојки (брашно, шеќер и прашок за печиво) додајте една чаша масло за готвење (200 мл) и две ипол чаши газирана вода (половина литар). Откако ќе ги ставите сите состојки, ви преостанува само добро да ги измешате со кујнска жица-маталка или шпатула.




Кога ќе добиете изедначена, мазна и полутечна смеса, поделете ја на приближно два еднакви дела (одлијте половина во друг сад), па во едната половина додајте две супени лажици какао во прав и добро измешајте за да се соедини.




Во другата смеса додајте две кесички ванилин шеќер или пак екстртакт од ванила, бурбон рум или некоја арома по ваш вкус, и повторно измешајте за да се раствори и изедначи. Потоа подгответе плех со димензии 33х23 см или некој со слични димензии:




Намастете го со малку масло на дното и ѕидовите, а потоа наросете брашно и убаво протресете го плехот за да се нафати брашното насекаде по малку. Вишокот истресете го. Наместо масло и брашно, плехот можете да го обложите со хартија за печење.




Потоа ви преостанува само да ја излиете смесата: наизменично сипувајте по малку светла и малку темна смеса, така да добиете мраморен ефект. Ставете да се пече во загреаната рерна на 180 или 170 степени, приближно 40-45 минути (или проверете со чепкалка).




Внимавајте да не го препечете колачот, да не се исуши премногу. Печениот колач оставете малку да се излади, па наросете го со шеќер во прав. Ние го изедовме топол, бевме нестрпливи. Ако ви остане случајно некое парче, само завиткајте го во кеса за да не се суши, па уживајте и следниот ден. Деталите од постапката погледнете ги ОВДЕ.