Фото и рецепт: Габриела Миленкоска

Рецептот за овој превкусен и посен колач со мак ни го претстави нашата драга членка Габриела Миленкоска во нашата и ваша група НМД рецепти.

Подготовката е навистина брза и едноставна, а колачот е толку вкусен што освен децата кои најмногу му се радуваат, го сакаат и возрасните, исто така. Засладете се уште денес со овој вкусен колач кој ќе ви разбуди убави спомени од детството…

За да го подготвите колачот не ви е потребен миксер, доволна ви е најобична – жица маталка и еден филџан за кафе од оние “браво” или “елит” од 150 мл. Важно е да мерите со една иста шолја.

Потребни состојки: 2 филџани шеќер, 2 филџани млака вода, 1 филџан масло, 3 филџани брашно, 1 прашок за печиво, 100-150 г семе од афион, 1 ванилин шеќер. За чоколадна глазура ќе ви биде потребно: 100 г чоколадо за готвење и 1-2 лажици масло.

Постапка: Во поголем сад ставете два филџани млака вода и еден филџан масло. Додадете 2 филџани шеќер и една кесичка ванилин шеќер (по желба) и промешајте малку со маталката за да се растопи шеќерот.

Потоа додадете 3 филџани брашно и еден прашок за печиво. Цело време мешајте додека додавате шолја по шолја од состојките. А на крај додадете го афионот и убаво соединете во компактна смеса.

Тепсија со број 28 намастете ја и набрашнете ја, а вишокот истресете го, па во неа излејте ја приготвената смеса. Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени околу половина час.

За глазура: едно чоколадо за готвење со една лажица масло се растопува на пареа или на многу тивок оган, па се премачкува тортата млака а чоколадото топло. Се декорира по желба, но не мора, може да се остави и како сув колач наросен со шеќер во прав.

Фото и рецепт: Габриела Миленкоска