Фотографија и рецепт на Beti Josi (Klara boss). Кога е период на пости, менито е ограничено, но тоа не мора да значи дека не може да се приготвуваат вкусни посни колачи. Па, еве уште еден предлог за посен колач за оние кои постат.
Потребни состојки: 6 шолји (од 200 мл) брашно, 3 шолји шеќер, 4,5 шолји кисела вода, 1,5 шолја масло, 2 лажички екстракт од ванила или 2 кесички ванила шеќер, 150 г афион, 50 г кокос, 100 г сува брусница и 1 лажичка рум или екстракт од рум за брусницата
За прелив: 20 лажици вода, 10 лажици шеќер, 4 полни лажици какао и 80 г маргарин.
Постапка: Се мешаат сувите состојки и во нив се додадваат течните, па сè убаво и компактно се меша. Доколку брусницата е посува и не е многу сочна, ставете ја во посебно чинивче во кое ќе додадете малку топла вода и екстрактот од рум.
Оставете така да одстои 10-тина минути. Колку е потопла водата, толку побрзо оди процесот.
Потоа исцедете ги и додајте ги во смесата за колачот. Дозата на овој колач е за длабок плех од шпоретот. За моите потреби требаше да опслужи за околу 40-тина луѓе, односно, отприлика натокмив толку парчиња.
Доколку сакате помалку, тогаш преполовете ги состојките, или пак за поголема тава земете 2/3 од дозата. Печете во претходно загреана рерна на 190 степени околу половина час.
Во посебен сад ставете ги состојките за прелив и мешајте ги на среден оган додека убаво се растопат и смесата да биде компактна.
Оставете го потоа 10-тина минути да подизлади со повремено мешање за да не фати кора или нерамномерно се здрви, па прелијте го колачот.
По желба, одозгора може да го наросите со кокос, па откако ќе подизлади, сечете го на коцки и уживајте со чаша топло млеко, кафе или чај.
Фотографија и рецепт на Beti Josi (Klara boss)