Рецепт и видео прилог на: Cucina Facile Tashev – Корнет погача Вкусна и декоративна КОРНЕТ погача, мека како памук, одлична за било какви пригоди.

Потребни состојки: 400 г брашно, 200 мл млеко, 40 мл масло, 20 г свеж квасец, 1 јајце, 1 лажичка сол, ½ лажичка шеќер. За фил: 100 г ситно сирење, 1 жолчка за премачкување и сусам за наросување (бел и црн).

Постапка: Издробете го квасецот во млако млеко со малку шеќер и промешајте да се раствори. Потоа додадете едно јајце, масло и сол. Убаво промешајте, па постепено додадете го брашното.

Додека може мешајте со лажица за убаво да се соединат сите состојки, а на крај замесете со рака. Месењето завршете го врз набрашнета работна површина. Тестото треба да биде меко, мазно и еластично, а на крајот неколкупати удрете го од површината. Оставете го да стасува 45 минути на собна температура.

Кога ќе ја удвои својата големина, истресете го врз малку набрашнета работна површина и поделете го на 8 еднакви делови и 1 помало поарче. Од сите формирајте топчиња, а потоа со оклагија развлекувајте кори. Во средината ставете од претходно приготвениот фил.

Засечете ја кората на едно место од центарот до крајот (погледни видео).Потоа свиткајте во вид на корнет (тутурутка). Тепсијата во која ќе се пече погачата малку намастете ја, па во неа наредете ги коринетите во вид на цвет.

Најмалото топче ставете го во средината и оставете ја погачата да одмори 15 минути. Одозгора премачкајте ја со жолчка, наросете сусам и ставете да се пече во загреана рерна на 170 степени, 40 минути. Деталите можете да ги погледнете во видеото: